| четврток, 6 декември 2018 |

„Што сонуваше Дедо Мраз“- нова книга за деца

Издавачот „Либи“, кој е дел од „Арс Ламина публикации“, го издаде романот за деца „Што сонуваше Дедо Мраз“ од Билјана С. Црвенковска.

Романот „Што сонуваше Дедо Мраз“ е модерна бајка за децата на едно многу помодерно време, освежително пишувана во стил што рутински се надоврзува на сите моментни светски трендови. „Што сонуваше Дедо Мраз“ го соочува најсаканиот новогодишен лик со предизвиците на новата ера и се обидува да даде одговор на досега речиси неистражените прашања: што се случува со неговиот свет во време кога наместо класична, децата користат електронска пошта, кога од свет на чудата и фантазијата, нашиот станал свет на бизнис-зделки и материјална заработка, кога меѓу самиот Дедо Мраз и неговиот син постои опиплив генерациски јаз… Со подновени алишта, осовременет и во кругот на едно сосема ново семејство, Дедо Мраз од приказната на Билјана Црвенковска е впуштен во една постмодерна авантура во која игривите алузии и метанарации ниту за миг не ја загрозуваат трогателната порака на авторката на книгата: нејзиното грижливо и топло „Да, сè уште постои“ писмо до сите оние кои наивно веруваат дека комерцијализацијата на меѓусебните човечки односи ги засега и најинтимните и најнежни детски сништа.

Билјана Црвенковска е магистер по филозофски науки, преведувач и уредник. Автор е на книгата „Митски лавиринт: патување низ митските слики“, како и на повеќе трудови, меѓу кои и „Филозофија на неискажливото: обид за разјаснување на Семиотиката на Тишината кај Бекет“ и „Апсурдот и антиутопизмот во драмите на Коле Чашуле“. Ова е нејзин прв роман за деца.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top