Откако часовникот ќе го означи крајот на годината што ја оставаме зад нас, по полноќ, нечујно нежно ќе затропаат ѕвонците од санката што ја влечат ирваси и ќе остават ѕвездена трага на небото – доаѓа Дедо Мраз. Децата ќе срипаат, ќе ги протријат сонливите очи и ќе се стрчаат кон накитената елка под која љубопитно ќе ги бараат подароците кои тој им ги оставил. Во тој миг радоста и среќата на нивните ликови станува најголемиот благослов за годината што следи.
Во повеќе христијански земји, а особено во Европа се прави разлика помеѓу Св. Никола и ликот на Дедо Мраз. Но, без разлика, едно е заедничко – Дедо Мраз е најпопуларен меѓу разните митски фигури кои биле задолжени за дарување подароци за Нова година, а Св. Никола е човек кој постоел.
Кај Словените, ликот на Дедо Мраз порано бил лош волшебник кој многу сака да ги замрзнува луѓето. На почетокот ги крадел децата од родителите и ги носел на грб пикнати во голема вреќа. За да ги откупат родителите морале да му даваат подароци. Со текот на времето приказната се завртила наопаку, под влијание на христијанството, ликот на Дедо Мраз се изменил заедно со неговиот карактер. Тој станал љубезен и добронамерен и почнал да им дава подароци на децата.
Од 19 век легендите и карактеристиките на ликот на Дедо Мраз биле обликувани преку книжевни влијанија. Дедо Мраз заедно со неговата внука Снегурочка бил преобразен од лош волшебник во она што е денеска. Најголемо влијание за ова има бајката „Снегурочка“ од рускиот писател Александар Островски, заедно со истоимената опера на Николај Римски – Корсаков. Па може слободно да се каже дека Дедо Мраз претставува источноевропска варијанта, а изворно е лик од оваа руска бајка.
Преобразбата на Св. Никола во комерцијалниот лик на Дедо Мраз прво е резултат на протестанските реформи кои започнале во Америка. Американската верзија на Дедо Мраз настанала во Нов Амстердам, денешен Њујорк според холандската верзија на христијанскиот светец под името Синтерклаас. Во текот на 19 век американските новинари ја популаризирале изменетата верзиија на Свети Никола кој станал весел дебел дедо кој живее на Северниот пол и патувајќи со своите санки им носи подароци на добрите деца.
Денешниот препознатлив лик на Дедо Мраз е дело на Томас Наст кој го илустрирал 1881 година според описот на една детска песна од 1823 година.
Нешто слично се случило и во поранешна Југославија, во чиј состав беше и Македонија. Од 1945 година се водела политика на минимизирање на значењето и празнувањето на религиозните празници, па од тогаш Дедо Мраз и кај нас носи подароци за Нова Година.
Но, и покрај ова, секоја нордиска земја и натаму тврди дека домот на Дедо Мраз се наоѓа во границите на нејзината територија. За Норвешка Дедо Мраз живее во местото Дробак, а Данците се сигурни дека неговиот дом е на Гренланд во близина на островот Уманак каде што постои традиционална гренландска куќа која за децата од Данска е неговиот дворец каде му ги праќаат и писмата. Во Финска, со генерации се пренесува дека планината Корватунтур е домот на Дедо Мраз. Во Русија, пак, официјалниот дом на Дедо Мраз се наоѓа во градот Голем Устјуг. Во желбата Дедо Мраз да е нивен жител, не заостанува ниту северноамериканската традиција. Според неа тој живее на Северниот пол, во куќа со поштенски број Хох Охо, а која според Поштата на Канада се наоѓа во внатрешноста на територијата што е во нејзина надлежност. Исто така, на Аљаска постои градот Норт Пол во кој се наоѓа туристичка атракција позната како „Куќата на Дедо Мраз“. Поштенскиот код на градот – 99705, Поштенската служба на САД го користи како свој промотивен поштенски број за Дедо Мраз.
Истражувањата направени на тема „Писма за Дедо Мраз“ покажуваат дека писмото за Дедо Мраз е првото детско искуство во допишувањето и треба да се поттикнува за стекнување културни комуникациски навики. Оттука, многу национални поштенски компании им дозволуваат на децата да испраќаат писма за Дедо Мраз, а на нив одговараат задолжени работници од поштата или волонтери на хуманитарни организации. Нивните сознанија се многу интересни. Девојчињата пишуваат подолги, поемотивни и културни писма и често посакуваат подароци за оние кои ги сакаат, за разлика од момчињата чии писма се куси и конкретни и речиси редовно со исполнувања само на сопствените желби. Највредни пишувачи се децата од Јапонија, Полска и од Англија.
Според Светската поштенска организација, Поштенската служба на САД има најстара традиција за организирано одговарање на писмата пратени до Дедо Мраз. Таа пракса почнала во 1912 година, а во 1940 година се нарекува „Операција Дедо Мраз“. Целта била писмата да стасаат до хуманистарните организации, до големите компании, до локалните продавници и донатори со цел да се исполнат што повеќе детски соништа.
Сознанијата на Светскиот поштенски сојуз се дека од 123 земји најмногу писма на Дедо Мраз му испраќаат децата од Франција, дури над еден милион писма, како и од Русија. Според една статистика направена пред неколку години, националните поштенски оператори одговориле на писмата пратени до Дедо Мраз, во Германија на половина милион, на 6.000 во Австрија, на 500 во Бугарија, во Канада на над еден милион, во Англија и Финска на 750 илјади, во Шпанија на над 230 илјади, во Нов Зеланд на над 100 илјади, потоа во Словачка над 85 илјади, во Шведска 150 илјади, во Полска 3.000…
Само во Канада, на пример, од 1982 година над 13 илјади поштенски работници доброволно пишуваат одговори на писмата на децата испратени на адресата на Дедо Мраз:Северен Пол, Канада. Освен на одговори испратени по пошта, забележан е огромен број на одговори по електронски пат како и на Брајовата азбука за слепите деца. И уште еден куриозитет: низ годините, Дедо Мразот од Финска добил на 8 милиони писма, а секоја година добива околу 600 илјади писма од децата од 198 различни земји.
Има ли подобар доказ за важноста што ја има Дедо Мраз во светот на децата? Затоа да ги оставиме да посакуваат, да сонуваат, да веруваат во празничната магија и да исчекуваат! Та детството толку брзо поминува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Родителите се загрижени дека ќе мораат да ја прекинат магијата за нивните деца: Треба ли да се лаже за постоењето на Дедо Мраз?
-
Дeдо Мраз пристигна со борбен авион во грчкиот град Лариса
-
Дедо Мраз дојде и кај нас: Сашко Коцев и Гораст Цветковски делеа подароци за децата (фото)
-
Дедо Мраз им донесе пакетчиња на децата на војниците на АРМ