| четврток, 6 декември 2018 |

Земјите од регионот како доказ дека објавувањето научни трудови не е научна фантастика

студенти индекси

Државниот испит ќе го зајакне квалитетот на студиите, а професорите со трудови треба да ја докажуваат својата вредност. Но, добар дел од професорите застанаа против реформите во образованието. Сосема е евидентно дека противењето на реформите во високото образование немаат никаква врска со државниот испит, туку единствено со нарушувањето на нивниот комодитет и обврската да објавуваат трудови, но не онакви како во Врање, Лесковац и Битола, туку во меѓународни реномирани списанија. Евиденцијата за објавени трудови со импакт фактор објавени на „Web of Science“ вели нула објавени научни трудови од страна на поголем дел од професорите кои се против реформите. За 2013 година, само 300 научни труда од Македонија се најдоа на страниците на меѓународни угледни списанија. Импакт факторот е меѓународно признат степен на влијание на професорот научник, во однос на неговите објавени научни трудови во меѓународно признаени списанија и колку неговиот труд е практикуван и цитиран во научните кругови. Импакт фактор на најстариот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ е само 616,19 импакт поени.

Дека објавувањето на научни трудови во врвни меѓународни научни списанија со импакт фактор не е научна фантастика и нешто непознато, говорат податоците од земјите од регионот. Вреднувањето на научните трудови е посебно уредено во секоја од нив.

 Словенија

Словенија има Агенција за истражување и модел според кој има избрано фирма која е овластена од надлежното министерство за да ги следи и дотерува податоците за сите истражувачи. Базата се нарекува SICRIS (Slovenian Current Research Information System) и на неа има регистрирано 14.634 истражувачи. Секој истражувач е задолжен да доставува податоци за сите негови научни активности кои се бодираат различно, согласно Правилник. Најмногу бодови се добиваат за трудови објавени на Web of Science. Бодовите се делат со број на автори на трудот (за да се избегне трупањето на куп автори на еден труд). Доколку списанието е во првите 20% според импакт факторот од областа добива 120 бода, ако е во наредните 20% се добиваат 80 бода, а во последните 60% се добиваат 60 бода. За другите активности се добиваат неспоредливо помалку бодови, на пример, за труд објавен во национално списание – 10 бода, за труд објавен во зборник од конференција (proceeding) се добиваат само 5 бода, а во апстракт 1 бод.

Моделот во Словенија е особено почитуван и се смета за еден од најдобрите поради што постојано е предмет на интерес и инспирација, дури и за развиени европски земји.

Хрватска

За избор и напредување во звања, менторства, раководење и учество во научно-истражувачките проекти и во Хрватска, исто така, еден од главните услови е бројот на објавени трудови во списанија на базата на Web of Science. Пописот на истражувачи го води Министерството за наука, образование и спорт, во согласност со правилници кои ги донесуваат Министерството и Агенцијата за високо образование.

Србија

Во Србија за вреднување на резултатите од научно-истражувачката работа на истражувачите предвид се земаат исклучиво само трудовите во списанијата во базата на Web of Science, а сè останато во неспоредливо помал обем и значење.  Научните списанијата во базата на Web of Science во Србија се во согласност со Првилник кој го донесува министерот поделени во три групи:

(М21): Врвни научни списанија кои се во првите 30% списанија од соодветната областво базата на Web of Science;

(М22): Истакнати научни списанија кои се наоѓаат помеѓу првите 30%и 50% списанијаод соодветната областво базата на Web of Science;

(М23): Меѓународни списанија кои се наоѓаат помеѓу крајните 50% и 100% списанија од соодветната областво базата на Web of Science.

Конференциите речиси и да не се вреднуваат, дури и оние меѓународните.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top