Околу 20 илјади ученици во Србија денеска ќе го дочекаат крајот на првото полугодие без формално заклучени оценки и ученички книшки, јави „Танјуг“.
На вакво радикализирање на штрајкот се решија училиштата во Чачак, Крагуевац, Крушевац, Ваљево, Краљево и Ниш, поради што поголем дел од учениците од овие градови ќе останат без ученички книшки за зимскиот одмор.
– Во околу 500 училишта во Србија наставниците ќе ги бојкотираат седниците на одделенскиот совет. Тоа значи дека учениците ќе ги знаат полугодишните оцени, но тие нема да бидат формално заклучени и внесени во книшка. Учениците нема да имаат никакви последици од тоа и ќе можат регуларно да тргнат во второ полугодие. Сепак, нема да можат да завршат година без заклучени оценки, а тоа е проблем што мора да го реши Министерството за образование – изјави за „Блиц“ Драган Миатијевиќ, претседателот на Унијата на синдикати на просветни работници на Србија.
Синдикатите преминаа кон радикализирање на штрајкот и не поделија ученички книшки, откако по речиси два месеци преговори не постигнаа договор во Владата. Тие бараат на наставниците, чија просечна плата изнесува 39.000 динари (едно евро се заменува за 120 динари), да се обезбеди парична помош до 4.500 динари, да се усвои систем на плати, како и да се донесе соодветен колективен договор и закон за основи на образованието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.