| четврток, 6 декември 2018 |

Јанакиески: Патот Кичево – Охрид е прооден, најголем број од општините денеска ќе добијат струја

Патот Кичево – Охрид од утринава е прооден за лесни возила и за возила до пет тони, но притоа задолжително е користење зимска опрема. Пополека се нормализира ситуацијата со напојување на електричната енергија во најголем дел од населените места, како целата општина Вевчани, Лабуништа, Октиси и се очекува денес околу 14 часот да имаат редовно снабдување со електрична енергија.

Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, по состанокот со координативното тело за кризи.

Тој информира дека денес најголем број од другите населени места треба да добијат електрична енергија, со тоа што ќе останат мал број планински села што во текот на наредните денови, исто така, ќе добијат струја.

Според Јанакиески, на патниот правец Кичево – Охрид, во делот Пресека од утрово е започната акцијата за вадење на околу 13 завеани возила кои ќе бидат однесени во Охрид.

– Во однос на завеаните села, бројот од час во час се намалува. Покритична е територијата на општина Дебар и поголем број села во Македонски Брод, но се вклучува и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи – вели Јанакиески и додава дека денеска специјалните сили на МВР ќе направт евакуација на три лица што се завеани во струшкото село Ржаново.

– Освен овие граѓани, кои побарале помош, нема друга информација за загрозени лица – истакна Јанакиески.

Министерот апелира до сите возачи, по најавите на УХМР за наредните денови дека се очекува многу студено време и појава на голомразица на патиштата, да возат многу внимателно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top