Арифи Д, Даути Х и Даути А,меѓу кои едно дете се тројцата Македонци кои се наоѓаат на фериботот Норман Атлантик, според листата патници која ја објави грчкото министерство за поморство. Засега нема информации дали македонските патници се наоѓаат меѓу 137те спасени, објави „Канал 5“.
Меѓутоа според надлежното министерство сите патници и членови на екипажот се во добра здравствена состојба, нема повредени, исчезнати или пак ,лица кои се пожалиле на здравствени проблеми поради студот или проблеми со дишењето поради чадот.
Спасувачката акција се одвива во многу тешки услови, поради лошото време и силниот ветер. За еден час беа спасени само 14 лица со помош на 3 хеликоптери супер пума, два италијански и еден грчки. Доколку се подобрат временските прилики, подготвени се уште неколку хеликоптери да помогнат, кои во овој момент се наоѓаат на островот Крф. Патниците се извлекуваат двајца по двајца, а предност имаат децата и старите лица.
Спасувачката операција на патниците од бродот кој се запалил од просторот каде се сместени 222 автомобили, ја водат грчките и италијанските власти. Стравувањата се дека, поради тешките временски услови под кои се води спасувачката операција, таа ќе трае до доцна во ноќта. Меѓу патниците има и деца и возрасни и има опасност од премрзнување на луѓето кои со часови чекаат на еден крај од бродот каде пожарот не е проширен, да бидат спасени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.