| четврток, 6 декември 2018 |

Што носи новата руска воена доктрина?

Рускиот претседател Владимир Путин ја потпиша новата руска воена доктрина според која најголема закана за Русија претставува засилувањето на НАТО во непосредна близина на нејзините граници.

Во документот што го објави Кремљ се задржани некои одредби од доктрината од 2010 година според кои Русија може да употреби нуклеарно оружје ако против неа или некој од нејзините сојузници е употребено нуклеарно оружје или друго оружје за масовно уништување. Истото се однесува и во случај на напад со конвенционално оружје со кое се загрозува егзистенцијата на руската држава.

Во новата доктрина за првпат се спомнува дека Русија може да искористи оружје со прецизно наведување, како дел од стратешките мери за одвраќање на напади, но не се дефинирани условите.

Руската телевизија RT наведува дека суштината на новиот документ е преземена од претходната верзија и дека руската војска останува одбранбено оружје кон кое земјата ќе прибегне само како последно средство.

Новата доктрина наведува дека Русија го смета како закана ширењето и военото засилување на НАТО, како и тоа што Алијансата презема глобална функција на кршење на меѓународното право.

Новина во воената доктрина е и тоа што како една од воените цели се смета заштитата на националните интереси на арктичкиот регион. Во документ како закана се наведува и дестабилизацијата на земјите со кои се граничи Русија и нејзините сојузници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top