| четврток, 6 декември 2018 |

Законите за високо образование поминаа во Комисијата за образование

соб

Пакетот закони со кои се предвидуваат реформи во високото образование, меѓу кои и воведување државен испит, денеска го поминаа првото читање на собраниската Комисија за образование, наука и култура.

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, образложи дека државниот испит нема да се оценува, туку ќе се користат формулации „помина“ и „не помина“ и тој нема да влијае врз просечниот успех на студентот. Ќе се полага по втора и по четврта година, а за положен ќе се смета испитот доколку студентот точно одговори на 60 проценти од поставените прашања.

За пратениците од парламентарното мнозинство, се работи за предлог-закони кои се во насока на подобрување на високото образование, а државниот испит нема да претставува никаква пречка за студентите, туку ќе биде потврда дека поседуваат знаење.

– Во предлог-законот добро е размислувано за секој сегмент и се детектирани и недостатоците во високото образование. Како пратеници и родители имаме голема одговорност да го подобриме квалитетот на високото образование – рече претседателката на Комисијата Олга Најденовска.

За пратеничката Солза Грчева, законските измени се противуставни и со нив се руши Болонскиот процес. За неквалитетното високо образование, според Грчева, виновна е Владата која спроведува несистемски политики.

– Тоа што државата дава пари за државните универзитети, не значи дека смее да се меша во начинот на подочување, учење, испитување, предавање, истражување…. Таа е должна бидејќи се работи за јавна дејност финансиски да ги поддржува и да бара резултати – рече Грчева.

Пакетот закони кои го поминаа првото читање во понеделник треба да бидат ставени на собраниска седница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top