Собранието на Република Македонија ја почна седницата за одземање на мандатите на пратениците од опозицијата, но во салата нема двотретинско мнозинство односно 82 пратеници потребни за одземање на мандатите.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го одлага поединечното гласање за мандатите, но претресот за другите мандати продолжува. Дискусија по точката на дневен ред нема.
На седницата не присуствуваат пратениците од ДПА и трите пратенички од опозицијата кои ги повлекоа оставките и се вклучија во работата на Парламентот Љубица Буралиева, Солза Грчева и Роза Топузова Каревска. Од пратеничката група на ДУИ се присутни девет пратеници.
За дневниот ред на 28. седница, која има само една точка и тоа Предлог одлука за одземање пратенички мандати, гласаа 50 пратеници.
За да му биде одземен мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство односно 82 гласа. За секој мандат Собранието треба поединечно да се изјасни.
Комисија за деловничко и мандатноимунитетни прашања на седницата одржана на 2 декември реши да му предложи на Собранието одземање на мандатите на 31 пратеник од опозициската СДСМ и нејзините коалициски партнери, врз основа на извештај за отсуствата на пратениците од овој состав за период од шест месеци, изготвен од генералниот секретар на Собранието.
Врз основа на Извештајот утврдено е дека во периодот од 10 мај до 10 ноември, 31 пратеник не присуствувале, не учествувале, ниту пак го известиле претседателот на Собранието дека оправдано ќе отсуствуваат од 40 седници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.