| четврток, 6 декември 2018 |

Прва седница на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци

132442024
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска ја одржа првата седница на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП).

Советот ќе го следи развојот на Националната инфраструктура на просторни податоци, ќе ги креира политиките поврзани со просторните податоци и нивната употреба и ќе учествува во иницијативите поврзани со прoсторните податоци на национално и регионално ниво. Во него членуваат претставници од 18 владини институции, Градот Скопје, претставник на Стопанската комора на Република Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на Пешевски, главната цел ќе биде насочена кон мотивирање на субјектите на НИПП да создаваат податоци согласно европските правила и ИСО стандардите. Тоа ќе овозможи компатибилност на податоците од нашите институции со европските и поголем развој на меѓуграничните проекти.

Придобивките од функционирањето на Советот ќе бидат евидентни и особено значајни за подобрено донесување одлуки – подобрено планирање, спроведување на политиката и следење, поедноставување на процесот на соодветното планирање, управувањето со ризиците, како и зачувувањето и искористувањето на ресурсите, побрз одговор на итни ситуации, подобрено планирање и управување со транспортот и врските, развој на голем број владини услуги засновани на веб кои се наменети за граѓаните, особено преку е-Влада, како и за меѓународната соработка.

Други значајни придобивки се и избегнувањето на двојни системи и двојно собирање на податоците, како и можноста за носење подобри одлуки во однос на политиката и преку обезбедување подобрени услуги како резултат на подобреното искористување и размена на просторните податоци.

Преку создавањето на НИПП, на Македонија ќе и се овозможи приклучување и кон пан-европските инфраструктури на просторни податоци кои се развиваат како дел од иницијативата INSPIRE (Инфраструктура за просторни информации во Европа) на Европската унија. Покриеноста ќе се однесува на целата копнена, водна и воздушна површина на Република Македонија и ќе се опфатат сетови на просторни податоци и услуги кои се поврзани со топографија, терен, хидрологија и атмосфера.

НИПП на почетокот ќе биде наменета за информации од јавниот сектор, но ќе постои одредба за вклучување на информации од приватниот сектор доколку приватниот сектор смета дека има придобивки од објавувањето на своите податоци преку македонската НИПП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top