| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарските млади лингвисти свирепо да ја негираат самобитноста на македонскиот дијалектен систем

бугарските дијалектиРеакција на НСУ Институт за македонски јазик по повод негирањето на македонскиот јазик од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науки во Софија.

Интегрален текст

Единството на македонскиот дијасистем

Неразумно е во втората деценија од XXI век бугарските млади лингвисти да ѝ служат на една пропадната мегаломанска идеја на политичарите од XIX век, на нивниот сон за Санстефанска Бугарија, во чии рамки влегуваше и етничка Македонија. Неразумно е, зашто бугарските млади лингвисти, родени по Втората светска војна, не треба да бидат оптоварени со политиката на нивните претходници, кои верно ѝ служеа на едноумната Бугарија, во која, со ретки исклучоци, ниту смееше слободно да се мисли ниту слободно да се работи на лингвистичко поле.

Очигледно е дека ниту со влезот на Република Бугарија во Европската Унија, бугарските млади лингвисти не се ослободија од товарот што им го оставија нивните комунистички татковци. Па дури и со финансиски средства од Европскиот социјален фонд при Европската Унија бугарските млади лингвисти продолжуваат свирепо да ја негираат самобитноста на македонскиот дијалектен систем. Со објавата Карта на диалектната делитба на българския език“, во која ги прогласуваат македонските дијалекти како дел од бугарскиот јазик, тие само ја потврдуваат латинската изрека дека „волкот влакното го менува, а ќудта не“.

Дали денот на претставувањето на (не)делото Карта на диалектната делитба на бъгларския език“ – 8 декември е случаен избор? Тој ден е празникот Свети Климент Охридски – патрониот празник на Македонската православна црква–Охридска архиепископија, на сите Македонци и на сите православни христијани.

Може ли толку упорно да се негира јазичната реалност? Бугарскиот дијалектен систем е една реалност, а македонскиот дијалектен систем е друга реалност. Тоа не го мислиме само ние, нивните колеги, од ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Република Македонија туку и сите објективни толкувачи на лингвистичката реалност; сиот разумен свет, кој го почитува авторитетот на лингвистичките аргументи. Не сакаме да се повикуваме на многубројните почитувачи на македонскиот јазик и на единството на македонскиот дијаситем, но само ги упатуваме бугарските млади лингвисти од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките на трите меѓународни проекти: Општословенски лингвистички атлас, Општокарпатски дијалектен атлас и Европски лингвистички атлас, каде што македонските дијалекти со предзнакот македонски, се застапени со соодветен број пунктови од македонската јазична територија.

Треба ли да укажуваме на фактот дека денес македонскиот стандарден јазик, чија основа се т.н. централни говори од западното македонско наречје, е наполно оформен јазик со сите карактеристики на современ стандарден европски јазик. Кај нас, Македонците, кои сме носители на автохтон, одделен јазик, се создава чувство на самостојност при градењето на македонската национална свест. Денес во целокупниот систем на воспитно-образовниот процес, почнувајќи од предучилишните установи, па сè до универзитетите; во мас-медиумите и во севкупниот живот на Република Македонија во целосна употреба е македонскиот стандарден јазик. Изучувањето на македонскиот јазик стана предмет и во неколку универзитетски центри во светот на соодветните факултети во: Москва, Воронеж, Иваново, Минск, Варшава, Краков, Катовице, Лоѓ, Крајова, Прага, Брно, Виена, Хале, Лунт, Париз, Неапол, Амстердам, Утрехт, Братфорд, Портланд, Будимпешта, Истанбул, Торонто, а се предавал и на универзитетите во: Лондон, Гетинген, Минхен, Регенсбург, Цирих, Келн, Кан, Букурешт, Харвард, Чикаго, Њујорк, Нанкинг, Целовец (Клагенфурт), Трст, Братислава, Петербург, Канзас, Сиракуз, Охајо, Канбера и др.

Македонскиот јазик се изучува(л) на сите универзитети во поранешна Југославија: Белград, Нови Сад,. Приштина, Ниш, Сараево, Никшиќ, Задар, Загреб, Осиек, Риека, Љубљана и Марибор. На македонски јазик е создадена богата литература од сите жанрови во сите области, а во областа на лингвистиката се објавени огромен број студии и монографии. На македонски јазик се приопштени голем број дела, почнувајќи од класичната книжевност, па сè до современите книжевности на многу народи.

Чуму им е политиката на бугарските млади лингвисти? Зошто при очи се прават слепи за подемот на македонскиот јазик? Им пречи ли посебниот македонски идентитет, одделното себепрепознавање на Македонците, наспрема нивниот бугарски идентитет? Така ќе да е. Но, белким така не се градат добрососедските односи во Европската Унија!?

Македонскиот дијалектен систем, на кој се базира македонскиот стандарден јазик, има свое минато, има своја сегашност, а цврсто сме уверени дека ќе има и своја иднина.

ЈЗУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top