
Здравјето доаѓа преку уста и како се храниме, така ќе нѐ служи. Нема ништо подобро од умереност, како во храната, така и во пијалакот. Во тек се божикните пости, а ние, сепак, успеваме да се прејадеме и на славите и на имендените, каде што храната е, најчесто, посна. Тања Турунџиева, нутриционист во „Диет клуб“ од Скопје препорачува умереност во храната, но и во пиењето, како за претстојните новогодишни и божикни празници, така и преку цела година. Свежите сезонски салати треба да ни бидат секојдневно на менито, да ја исфрлиме или намалиме пржената храна и да внимаваме на нутритивите што ги внесуваме, дали и колку содржат емулгатори, конзерванси, вештачки бои.
Целото интервју со Тања Турунџиева, од „Диет клуб“ Скопје може да го погледнете тука.
Што воопшто значи правилен режим на исхрана?
ТУРУНЏИЕВА: Здрав и правилен режим на исхрана е кога некој ќе се реши не само да практикува здрав режим на исхрана, туку и правилен. Некој може да мисли дека се храни најздраво, но прашање е дали тоа го прави на правилен начин бидејќи многу е важна комбинацијата на храната. Не е важно времето и не е важна количината колку ќе се изеде, туку што ќе внесе во својот организам како правилна комбинација на храна. Постојат нутиртиви што мора да бидат застапени во текот на денот. Тоа значи овошјето секогаш да се јаде во претпладневните часови како продолжен појадок, ручекот да биде нешто што е македонска традиционална кујна, поделено на протеини и на јаглехидрати, а за вечера да се јадат лесни чорби или, пак, жито. Ручеците и вечерите треба секогаш да бидат придружени со свежи салати, кои се, пред сѐ, сезонски.
Како да го исчистиме организмот, да ослабеме, а да не сме на диета?
ТУРУНЏИЕВА: Ова е вечната тема, не само меѓу жените, туку и меѓу мажите, а во поново време се јавува и кај децата. Кај нас диетата сите ги асоцира на гладување. Лично, јас сум против какво било гладување за да се симнат килограмите. Во секој режим на исхрана се задолжителни три оброци дневно, распределени според дневниот биоритам, без да се воздржуваме или да мериме калории и да се трудиме во исто време да ги внесуваме оброците. Тоа значи дека секој од нас, според дневниот биоритам, треба да внесе три оброци дневно. Со импровизации од прочитани диети од медиуми може да го доведеме во прашање сопственото здравје. Со мерењето калории не се постигнува ништо бидејќи една калорија од чоколада е иста како и една калорија од јагода, на пример, но прашање е која калорија е подобра и повеќе вредна за нашиот организам. Импровизација со препишани диети или, пак, изгладнување е сосема еднакво на нарушување на здравјето или колпас на имуниот систем. Кај жените тоа доведува и до нарушување на хормоналниот статус. Здравиот начин на исхрана според индивидуата е најсоодветен за да се симнат вишокот килограми или, пак, за да се зголеми или, пак, да решиме некој медицински проблем.

Сега сме во период на слави и на имендени. Иако е време на божикни пости, сепак, успеваме да се прејадеме и со посно. Што препорачувате?
ТУРУНЏИЕВА: Во период на слави и на имендени секогаш е застапен периодот на прејадување, но и на препивање. Нема ништо поубаво од умереност, а тоа се однесува најмногу на храната, но и на пијалакот. Убавите моменти на славите нѐ отпуштаат и нѐ релаксираат, но мора да имаме контрола во тоа што го внесуваме. Но, кога ќе се случи да се претера, следниот ден треба да си направиме ден на свежи сокови и на салати и со тоа да го исчистиме организмот. Тоа се постигнува со многу течности, свежи ензими од овошје и од зеленчук и нема да има проблем ниту со главоболка, ниту со мамурлак и со тегоби на дигестивниот систем.
Колку има вистина во девизата: како се храниме, така ќе нѐ служи здравјето?
ТУРУНЏИЕВА: Храната може да биде наш лек или наш уништувач. Како ќе се храниме, така ќе нѐ служи здравјето. За жал, треба да се наруши сопственото здравје за некој да реши да се храни здраво. Уште од постарите останало: Како се храниме, така изгледаме. Храната доаѓа преку устата. Сѐ повеќе лица се трудат да практикуваат здрав режим на исхрана, да имаат физичка активност. Но, жал ми е што децата се запоставени. Има случаи кога родителите се хранат здраво, вежбаат, а децата се пред компјутери, јадат брза храна и дебелината не е само реален светски проблем, туку таа затропа и на нашите врати. Ако имаме здравствен проблем, а форсираме одредени нутиртиви, тогаш здравјето ќе се наруши дополнително. Но, ако ја смениме храната и ако внимаваме што ќе внесуваме и на кој начин ќе го консумираме, чувствуваме и самите подобрување на сопственото здравје. Затоа и исклучително се нагласува дека нашето здравје е здравата храна.

Каде најчесто грешиме во исхраната?
ТУРУНЏИЕВА: Ние сме гурманска нација. Кај нас е срамота ако трпезата не е полна. Порано на трпезите имаше секаква салата – руска, француска, а никако македонска, односно сезонска. Сега тоа веќе не е случај, времињата се менуваат. Се јадат свежи салати преку целата година, а не само шопска салата. Се јадат салати од свежо цвекло, морков, дајкон, целер, зелка, најразлични трупки, што е голем плус. Треба да се јадат сезонски нутритиви. Никогаш никому не сум препорачала среде зима да јаде лубеница или домати, на пример. Во нашата исхрана е многу застапена пржената храна и јас инсистирам таа да биде варена или печена. Сето тоа што е брза храна, потоа храна што содржи конзерванси и емулгатори не се препорачуваат. Секогаш пред да се внесе некој нутритив, треба да се прочитаат состојките, какви се неговите нутритивни вредности и дали во себе содржи конзерванси, емулгатори или вештачки бои. Светски тренд е на секоја етикета да биде истакнато што содржи производот.
Работите и на менито во училиштата во скопска Кисела Вода. Што е отфрлено од менито на учениците, а со што е збогатено?
ТУРУНЏИЕВА: Со општина Кисела Вода направиме голема работа, што мене лично, како родител на три деца, многу ме радува. На децата во основите училишта во Кисела Вода во дневното мени им се направено големи промени во исхраната. Многу нутритиви се исфрлени. На менито има повеќе риба, макароните се интегрални, исфрлен е белиот леб, на негово место е интегралниот. Повеќе е застапена традиционалната македонска кујна. Има свежо овошје, кое досега го немаше. Нема индустриски десерти, туку десертите се по бабини рецепти. Менито се менува секој месец, што не беше практика досега. Не можам да им погодам на сите деца и сите да бидат задоволни, но мора да кажам дека има многу позитивни реакции. Имам директен контакт со родители, кои се јавуваат и сугерираат, како и одговорите во училишните кујни, кои сугерираат што сакаат да јадат децата. Децата лесно се приспособуваат на промена, ако е вкусно. Сето тоа што е приготвено во кујните е направено со голема љубов и по традиционални македонски рецепти. Менито е направено со избалансирана исхрана со потребни, корисни калории за децата за возраст од шест до 13 години.
Што ќе им препорачате на читателите за новогодишните и за божикните празници во однос на исхраната?
ТУРУНЏИЕВА: Годината не почнува и не завршува со новогодишните празници. Убаво е да ги собереме пријателите или некаде да одиме заедно и во убав амбиент да ги прославиме празниците. Но, тоа да биде умерено, во однос на храната и пијалакот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


