Победникот на првата сезона на регионалното музичко шоу „Икс-фактор“, Даниел Кајмакоски, сѐ уште не ги добил ветените 10.000 евра, што белградската продукција „МБК“ му ги вети по победата во март, пишува „Вест“.
Откако се распадна продукцијата, Кајмакоски вели дека наградата му е само делумно исплатена и доделена. Наскоро ќе почне втората сезона на шоуто, која ќе ја реализира продуцентската куќа „ЦЛМ“. За Македонија, дел од продукцијата ќе биде „Сител“, а во Србија правата за емитување ги откупи телевизија „Прва“.
-Наградата што беше ветена за победникот, ми беше делумно исплатена и доделена, но продукцијата што го организираше минатогодишното шоу повеќе не постои и е затворена. Убеден сум и се надевам дека победникот на втората сезона на „Икс-фактор“ ќе го добие тоа што ќе биде промовирано како награда – вели Кајмакоски за „Вест“.
Автомобилот „мини морис купе“, кој исто така беше дел од ветените награди, Даниел го доби во април, еден месец по финалето, кое се одржа во март во „Белградска арена“. Пред концертот на финалистите во шоуто во јуни во Скопје, од продукцијата МБК за „Вест“ изјавиле дека Даниел ќе го добие чекот од 10.000 евра на 7 јуни, на концертот во Скопје.
По завршувањето на концертот, откако не му беше доделен чекот, Даниел кусо ни рече дека нема коментар на таа тема. За договорот со американската „Сони мјузик“, за која до летово требаше да го издаде првиот албум, Кајмакоски вели дека договорот постои и албумот се подготвува, но за подетални информации сѐ уште не е време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


