| четврток, 6 декември 2018 |

Придонесите од хонорарите ќе одат во пензискиот и во здравствениот фонд

Се разбира дека сите протести и прозивки не ми се драги. Нормално не сум рамнодушен на сето тоа, но ги следам сите случувања и се обидувам да извлечам некои аргументи. Аргументот од типот не ни треба ова, не е аргумент, бидејќи тоа го има насекаде. Плаќање на придонеси на хонорарите имаме во Германија, Австрија, Италија…односно во 95% од земјите во Европа, вака премиерот Никола Груевски одговори на прашањето за новите измени во законот за хонорарците во неговото денешно интервју во вестите на „Канал 5“ телевизија.

– Кога бев министер за финансии го воведов данокот на додадена вредност. Не знам дали се сеќавате какви се гласини се раширија, ќе пропадне државата, буџетот, дека ова не треба, ова е антиреформа… Денеска сите најдобро зборуваат за ддв-то. Истото беше и со фискалните каси во 2002 година. Кога луѓето излегоа од државата видоа дека насекаде има и фискални и ддв – рече Груевски.

Премиерот рече и дека со овие реформи се спречуваат работодавците да избегнуваат создавање на работен однос на многу луше кои се ангажирани хонорарно, се со цел да се избегне плаќањето на пензиско и на здравствено осигурување.

– Има луѓе што и по десет години работат, а немаат ниту еден ден работен стаж. Со ова ќе им се помогне на тие луѓе – рече Груевски.

Премиерот ги отфрли прозивките дека овие пари ќе ги земе Владата.

– Станува збор за придонеси коишто ќе одат во пензискиот фонд и еден ден тие што ќе ги платат ќе имаат повисока пензија. Другиот дел од овие пари ќе оди во здравствениот фонд, со што ќе се подобри пред се лекарската грижа за луѓето – додаде премиерот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top