| четврток, 6 декември 2018 |

Албански државјани шверцувале мигранти од Сирија во Македонија

migranti

Кривична пријава против лицата Б.К. (25) од Поградец и Ч.Е. (29) од Либражд, Албанија, поднесе Регионалниот центар за Граничен реон Југ до надлежното Основно јавно обвинителство за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“  и „давање поткуп“.  Судија на пријавените лица им изрече мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти МВР.

– Завчера во 20 часот и 45 минути од страна на полициски службеници од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај на автопат Демир Капија, кај наплатна рампа Градско, биле забележани две возила, едното марка „голф“ со албански регистарски ознаки, а второто „ауди“ со грчки регистарски ознаки во кои се превезувале повеќе луѓе. Прв се движел голфот кој заминал во правец кон Скопје, а полициските службеници го следеле аудито се до Каласлари каде што го запреле и при контролата е утврдено дека истото е сопственост и управувано од лицето Ч.Е. а во возилото се откриени тројца илегални мигранти на возраст од 25 до 34 години (двајца од Сирија и еден од Ирак), се наведува во соопштението.

При контролата на возачот, пријавениот Ч.Е. во својот пасош ставил прво 100 евра за да го ослободат, а потоа и уште 100 евра кои ги понудил на полицајците коишто поткупот го одбиле.

– Во тој момент полициските службеници забележале дека „голфот“ со албански регистарски таблички излегува од бензинската пумпа кај Каласлари и се упатува во правец кон Скопје. Едниот полициски службеник со службеното возило се упатил по него при што дал знак да застане возилото, со вклучување на рото светло и звучна сирена, но „голфот“ не застанал. Во близина на клучката за Велес и Штип, од возилото се симнале патниците по што „голфот“ продолжил да се движи уште 50-100 метра по што било запрено од страна на полициските службеници, стои во соопштението на МВР.

При контролата е утврдено дека возилото „голф“ било сопственост и управувано од лицето првопријавениот Б.К. а на задното седиште во возилото се пронајдени торбици од лицата кои се превезувале, кои подоцна се пронајдени покрај патот, при што е утврдено дека се работи за четворица илегални мигранти од Сирија на возраст од 6 години, две лица на возраст од 27 години и едно 25 годишно лице. Осомничените и мигрантите се приведени во полициската станица Велес при што дознанено е дека првопријавениот ги прифатил мигрантите во близина на Гевгелија, а второпријавениот во близина на Демир Капија во правец кон Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top