| четврток, 6 декември 2018 |

Полиција застрела петмина при протестите по масакрот во Индија

Assam-IndiaПолицијата во градот Гувахати, на североистокот од Индија, денеска отвори оган врз демонстрантите и притоа уби петмина од оние кои протестираа за вчерашните напади на сепаратистите во сојузната држава Асам, јавија индиските медиуми.

Во меѓувреме бројот на жртвите од четирите одвоени напади на племенските сепаратисти во Асам, кои се случија вчера во период од само еден час, нарасна на 56, а меѓу нив има и деца, пренесоа британските меидуми.

Нападите се изведоа во две области, Кокраџар и Сонитпур, а полицијата верува дека одговорни за нив се припадници на забранетиот Национален демократски фронт Бодоленда (НДФБ), кои со децении бараат независност за дел од државата Асам.

Жртвите на вчерашниот напад главно биле работници на плантажите со чај со потекло од другите индиски сојузни држави.

Во  знак на протест заради овој масакр повеќе стотици работници од плантажите, вооружени со копја и стрели, денеска го прекршија воведениот полициски час и опколија повеќе полициски станици во округот Сонитпур, истакнувајќи дека властите не ги заштитиле.

Демонстрантите во текот на протестот запалиле неколку продавници, додека некои ги блокирале патиштата и железнички пруги.

Полицијата отворила оган врз нив, а подоцна се правдала дека морала да ја растера масата луѓе.

– Тие се обидоа да заземат полициски станици, па моравме да пукаме врз нив, изјави еден полицаец.

Асам е една од седумте сојузни држави на североистокот на Индија, а се граничи со Кина, Мјанмар, Бутан и Бангладеш.

Жителите на Асам веќе подолго време ја обвинуваат централната индиска Влада дека ги ограбнува нивните природни богатства и не вложува во развојот на оваа држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top