Долниот дом на рускиот парламент усвои предлог-закон со кој ќе му даде на банкарскиот сектор до еден трилион рубљи, односно 16,5 милијарди долари, како дел од мерките за заштита на банките од западноевропските санкции, јавува Бизнис инсајдер.
Финансискиот сектор на Русија се опоравува од кризата и санкциите кон земјата, поради кои на банките им се огланичи пристапот на меѓународните пазари на капитал, што значително ги зголеми нивните финансиски трошоци.
Државната Дума на својата веб страница објави дека законот поминал во сите три читања во забрзана постапка, за да не дојде до ситуација да остане во парламентот неколку недели.
Министерот за финансии Антон Силуанов изјави денеска дека банките би можеле да почнат да добиваат дополнителен капитал на почетокот на следната година и дека Законот ќе ги опфати сите ризици се кои тие се соочуваат, пренесува Бизнис инсајдер.
Законот е се уште во форма на предлог, зашто треба да го усвои и Горниот дом на парламентот, а потоа и потпишан од претседателот Владимир Путин.
Најновиот пакет помош за банките доаѓа откако Владата претходно обезбеди државна поддршка во форма на дополнителен капитал за банките.
Централната банка, исто така, неделава ја олесни регулацијата на банкарскиот сектор како дел од мерките за стабилизирање на рубљата, чија вредност годинава падна за 45 проценти во однос на доларот.
Во предлог-законот не се прецизира кои банки можат да ја користат помошта, но слична помош за банките имало за време на глобалната криза во 2008/09 година.
Силуанов изјави дека банките кои ќе ја користат помошта ќе бидат избрани врз основа на важноста на улогата што ја имаат во кредитирањето на пошироката економија.
Дополнителен капитал како дел одм овие мерки не е предвиден за најголемата руска банка Сбербанк, која ако е потребно ќе биде дополнително финансирана од централаната банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


