Република Македонија може да смета на поддршката на новиот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, во однос на членството во Европската унија, порача претседателот на македонската Влада Никола Груевски, по денешната средба со Туск во Брисел. Како што јавува дописникот на МИА, наследникот на Херман ван Ромпуј се интересирал за реформите во земјата, ги пофалил потезите во економијата, а најголем дел од средбата минал во дискусија за причината на грчката блокада за започнување на пристапните преговори на Македонија со Унијата, а тоа е наметнатото прашање за името.
– Средбата со Туск помина одлично. Разговаравме за приоритетите на ЕУ и за приоритетите на Република Македонија, како и за начинот и постапките за како побрзо да се приближиме до Унијата. Јас се фокусирав на многуте реформи што ние во земјата ги правиме и многуте напори што ги вложуваме во различни сектори, при што навлегов поконкретно во неколку сектори. Образложив за она што го правиме во судството, администрацијата, најновите реформи во секторот образование, како и во економијата, вели премиерот Груевски во изјава за МИА по средбата.
Според првиот човек на македонската Влада, Туск бил позитивно изненаден од македонскиот прогрес во економијата и фактот што земјата, по Англија има најголем економски раст во Европа, а лани имала трет најголем раст. Челникот на Евросоветот, според Груевски, се интересирал во детали за овој сегмент, како и за македонскиот извоз и кои компоненти најмногу се извезуваат и на каков начин тоа се обезбедува.
Премиерот Никола Груевски додаде дека неизбежно било да се спомене и главната пречка за започнување на преговорите за членство на Република Македонија во Унијата. Во тој поглед, според првиот човек на македонската Влада, нашата земја ја има поддршка на Туск, со кого Груевски напомена дека се познава долго време, од нивните средби во рамки на Европската народна партија (ЕПП), а и повеќепати се сретнале на билатерално ниво како премиери на две држави, додека Туск беше на чело на Владата на Полска.
– Од тој аспект, Туск секогаш се декларирал дека тие се поддржувачи на членството на Македонија во ЕУ, т.е. за отпочнување на пристапните преговори. Сепак, тоа не зависи само од него, потребна е одлука за која ќе гласаат сите земји-членки на ЕУ. Тој може да помогне од својата сегашна значајна функција, со која има влијание, но за одлуката за отворање на преговорите за членство на Македонија е потребна согласност на сите ЕУ-земји. Разговаравме многу за тие детали и што се случува на тој план, кои се последните информации. Лично сметам дека, како и досега како премиер на Полска, така и понатаму, можеме да сметаме на поддршката на Туск и дека од таа гледна точка ние немаме некој проблем и треба да продолжиме со нашите реформи и пред се да работиме и понатаму, како и досега, на изнаоѓање начин како да се надмине прашањето со нашиот јужен сосед, заврши Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии