Оваа година Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ прослави 70 години постоење. Станува збор за водечка институција во истражната дејност, чувањето, заштитата и конзервацијата на библиотечниот материјал, како и чување и заштита на културното наследство. Какви сè активности реализиравте откако сте прв човек на оваа институција?
Заров: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје веќе седум десетлетија зазема високо место и улога во пантеонот на македонската култура и е внедрена во фундаментите на општествениот, културен, научен и интелектуален подем на македонската држава и нејзиниот академски растеж. Седумдесетгодишниот јубилеј ја прави библиотеката врсник со македонската државност, и тоа е факт што реално зборува за значењето на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје и за нејзината круцијална улога во македонската културна архитектура. Привилегија и чест, а секако и професионален предизвик, е да се раководи со една ваква комплексна и сложена институција. Јас дојдов како прв човек на ова место пред речиси една година од сферата на науката и мојата професионална вокација како медиевист во некои сегменти е тесноповрзана со определени аспекти на функционирањето на библиотеката. Всушност, целата оваа година како еден вид пролегомена во одбележување на седумдеценискиот јубилеј успеавме да реализираме неколку значајни проекти, како изложбата на словенските ракописи од 13 до 19 век во Ватикан, која подоцна првпат беше претставена и пред македонската културна и општествена јавност, скорашното потпишување договор за соработка со НУБ во Загреб, проектот за објавување книги со историска содржина PROMACEDONIA итн. Денот на книгата, кој традиционално се чествува во библиотеката, оваа година беше поврзан со 400-годишнината од смртта на Вилијам Шекспир итн. Би сакал да ја истакнам и иновативната страна на нашата библиотека и нејзината соработка со високообразовни институции. НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии ја добија првата награда на конкурсот „КулТИП 2014“, доделена за заедничкиот проект „Веб базиран аудиоплеер за лица со посебни потреби“.

За да се раководи со една олку важна и комплексна институција, потребно е да се има цел тим соработници. Сметате ли дека кадарот со кој располага библиотеката е доволен или има потреба од нови кадри?
Заров: Овој сложен и динамичен организам не би функционирал соодветно на поставените задачи без пожртвуваноста и професионалниот ангажман на вработените, кои се душата на оваа институција. Тие, освен тековните задачи, ја имаат и благородната мисија да учествуваат во процесите на усовршување на сите сегашни библиотекари во нашата земја и да ги едуцираат сите идни. Се разбира дека секогаш има потреба од едуциран кадар кој може да одговори професионално на поставените задачи од својот домен, токму затоа што се работи за комплексна институција од која се очекува континуирано следење на актуелните светски тенденции и трендови во библиотечното работење.

Поголемиот дел од културните институции добија нови згради, МНТ, театрите низ земјава, се гради Филхармонија,… Вашата институција прва доби нова зграда. Кој дел од материјалите на библиотеката се сместени таму и кажете ни дали има изгледи стариот дел од зградата наскоро да се реновира или да се интервенира некако за негово подобрување?
Заров: На 24 мај 2009 година официјално е отворена новата, модерна зграда како анекс на постојната, со што библиотеката доби дополнителни 3000 квадратни метри. Во новата зграда се сместени Специјалните збирки, Виртуелната библиотека на Македонија и Центарот за дигитализација, како и магацински простор. Стариот дел на библиотеката е подигнат во 1972 година и е една од првите наменски изградени библиотеки во бивша Југославија. Искрено, една од моите заложби како прв човек на институцијата е стариот дел од библиотеката целосно да се обнови и ревитализира и да добие нови содржини кои ја диригираат внатрешната организација на просторот. Радува фактот што Владата на РМ и, секако, Министерството за култура имаат висока општествена одговорност за местото на културните институции во државата и, секако, зошто не во блиска иднина да поддржат една таква иницијатива за обнова на библиотеката. Освен финансиската поддршка на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, треба да се бара и поддршка од различни извори, како што се етаблирани домашни субјекти од сферата на стопанството и бизнисот, сè до донации од културни фондации од странство, меѓународни фондови за поддршка на библиотечната активност при ЕУ. Благородното покровителство во културата е темел на севкупниот општествен развој на една земја, без кој е незамислив каков било просперитет.


По речиси една година на функцијата директор на оваа најважна културна институција, во смисла на заштита и чување на културното наследство на земјава, какви се Вашите согледувања? Сметате ли дека е потребен голем напор за да се раководи со библиотеката? Наидувавте ли на некакви проблеми од каква било природа? Потребно ли е да се биде и менаџер кога сте на таква функција?
Заров: Тешко е човек да направи објективна и целосна валоризација на сопствената активност за една година. Пред сè комплексниот и повеќеаспектен карактер на НУБ ја прави многу повеќе од обична библиотека, која во себе инкорпорира многу разновидни функции. Предизвикот да се раководи со институција како НУБ, според мене, е во перманентната едукација и во следењето на светските процеси кои за мене како директор, но и менаџер се императив во работењето. Што се однесува до препреките, односно проблемите во работењето, сметам дека тоа е нормално за секоја работа. Постојат домени од библиотечната дејност каде што се чувствувам компетентен, но и области кои се трудам да ги запознаам подобро. Мојата цел како менаџер е да се обидам да одговорам на големите предизвици кон кои таа е исправена запазувајќи го континуитетот на тековните процеси и функции. Мојата заложба ќе биде да ја препознаам, поттикнам и канализирам креативната енергија на библиотеката во согласност со актуелните светски тенденции на библиотечното работење.
(Разговараше: Невена Поповска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 119. број на неделникот „Република“, 12.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


