| четврток, 6 декември 2018 |

Реализиран нов проект на Жерновски – средба со американски претставник

Градоначалникот Андреј Жерновски вчера реализираше уште еден „крупен инфраструктурен проект“ за општина Центар, се сретна со претставник на американскиот Стејт департмент

Општина Центар извести дека градоначалникот Андреј Жерновски разговарал со директорот на канцеларијата за Централна и Источна Европа на Стејт департментот, Томас Јаздгерди. Како и на секоја друга средба со меѓународен претставник, Жерновски не ја пропуштил можноста да го запознае соговорникот со  актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за релациите власт-опозиција.

1_Zernovski - JazdgerdiВо недостиг на вистински инфраструктурни проекти од кои корист ќе имаат граѓаните на Општина Центар, тие коментираат дека нивниот градоначалник остварува средби од никакво значење кои подоцна наидуваат на голем потсмев на социјалните мрежи кои се преплавени со коментари за “крупните проекти“ на Жерновски како што е оваа средба. Покрај Жерновски, на удар на социјалните мрежи вчера се најде и претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, за чии ставови се коментира дека е „изгубен во политичкиот простор и време“.

Кога Жерновски е во прашање, јавноста не е изненадена околу неговите “проекти“. Наместо ново училиште во Капиштец, кое беше едно од главните негови ветувања во трката за градоначалник на Општина Центар, Жерновски два пати отвораше една иста улица која уште од самиот почеток беше проследена со низа контроверзии. Ако на ова се додаде дека еден од главните “проекти“ на Жерновски беше и разгледување на три електрични столба, тогаш не треба да зачудуваат коментарите на граѓаните на Општина Центар дека Жерновски може да излезе со најнов проект, дека кивнал.

Анализата направена од соопштенијата на кабинетот на Жерновски, покажа дека Жерновски најголем дел од времето во својот мандат го посветил на пресметки и обвинувања кон актуелната власт, а многу мал дел за позитивни теми од кои главна придобивка ќе имаат жителите на општината со која раководи.

Во изминативе 19 месеци како е градоначалник на Општина Центар, од април 2013 година, податоците покажуваат дека Жерновски  во јавноста излегол да говори на 183 теми, од кои само 25 теми биле позитивни, а останатите 148 теми биле политички обвинувања и пресметки или несуштински теми кои се несвојствени за еден градоначалник. Од тие 25 теми кои биле позитивни, само неколку се поврзани со суштински проекти за еден градоначалник како што се фасадата на зградата “Папагал”, ново паркче во општина Капиштец, отворањето на Боемската улица и реконструираната фискултурна сала.

Останатиот поголем дел од позитивните проекти се најави за проекти или проекти како реализиран отворен ден за граѓани, организирање на Денови на македонскиот мед, најава дека Центар ќе го оживува комплексот Езерце, проект кој се уште не се случил, како и тоа дека учениците во Центар ќе се вклучат во бизнисот со пластични шишиња.

Затоа и не се за изненадување дел од коментарите и барањата од граѓаните на Фејсбук профилот на Жерновски, каде ги објавува неговите постигања и проекти, како на пример новогодишното украсување.

FB NA ANDREJ

Колку за споредба, за разлика од Жерновски, првиот човек на град Скопје Коце Трајановски мандатот го користи за остварување на најавените проекти. Трајановски во последниот мандат за 19 месеци имал 280 медиумски настапи и сите 280 се поврзани со позитивни проекти, наспроти 148 те негативни настапи и политички обвинувања на Жерновски.

Во позитивните медиумски настапи на Трајановски влегуваат теми како изградена нова фекална канализација во Радишани, пуштена во употреба втората фаза од булеварот Борис Трајковски, промоција на новите автобуски постојки,  нови кружни текови на „Втора Македонска бригада“ и Лазо Трповски како и почеток на градба на кружниот тек на крајот на партизански одреди, пуштање на третиот дел на булеварот Илинденска.

Покрај ова, во позитивните теми на Трајановски влегуваат и 47-те милиони денари за реконструкција на средните училишта во 2013 година, нов парк покрај булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, фекална канализација за Јурумлери и реконструкција на нова водоводна мрежа во Стајковци , почеток на проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, завршеток на реконструирање на МКЦ и останати проекти од инфраструктурно значење за граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top