Возач на автомобил по кој трага полицијата тешко го повреди триесет и тригодишниот И.Т од село Ваташа, вчера попладне во 16 и 30 часот на локалниот пат Велес – Градско, кога го удри и избега од местото на несреќата, јавува локалниот портал „Дума“.
И.Т го управувал неговиот автомобил, марка „форд“ со прилепски регистарски таблички кога кај селото Виничани запрел и излегол на патот бидејќи се посомневал во работата на ауспухот. Потоа се се случило како на филм, во само неколку секунди. Друго возило поминало го удрило И.Т, не запрело туку побегнало од местото на несреќата.
Очевидец на оваа несреќа е целото семејство на тешко повредениот кавадарчанец, неговата бремена сопруга, дете и родители, кои биле во „фордот“ и патувале кон Ваташа. Сите биле шокирани од тоа што му се случило на нивниот сопруг, татко и син. Тие ја пријавиле несреќата. Од местото на сообраќајката со возило на Брза помош тешко повредениот Кавадарчанец бил пренесен на хирушкото одделение во Општата болница во Велес. Лекарите го реанимирале и му биле направени комплетни прегледи.
Резултатите покажаа дека кавадарчанецот се здобил со сериска скршеница на ребра, на бутна коска на лева нога и нагмечување на граден кош.
– Бидејќи беше констатирана политраума, нагмечување на граден кош, како и поради сериозноста на повредите откако на пациентот му беше укажана неопходна лекарска помош во 18.45 часот беше транспортиран во Ургентниот центар во Скопје. Пациентот е тешко повреден и е надвор од животна опасност – вели за „Дума“ портпаролката на болницата д-р Силвана Мишкова.
СВР Велес ја потврди информацијата и соопшти дека презема мерки за откривање на возилото и на возачот што избега од местото на несреќата во која е тешко повреден кавадарчанецот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.