| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Потребни се реформи во образованието на сите нивоа

Образованието се трансформира насекаде во светот. Ако во минатото државата ги креирала образовните профили за нејзините потреби, денес, сè повеќе пазарот и бизнисот ја преземаат улогата на државата, и креираат профили според своите потреби. Со тоа се менува концептот за високото образование насекаде во светот, но, и кај нас.

Ова денеска го истакна претседалот Иванов во своето годишно излагање пред пратениците во Собранието.

– Невозможно е да се проектира иднината на Македонија без успешна трансформација на образованието, бидејќи иднината на државата зависи од квалитетот на високото образование, како што и тоа зависи од квалитетот на претходните степени на образование. Јасно е дека се неопходни реформи. Македонските универзитети не се на високите места на ранг-листите. Со ретки исклучоци, македонските студенти не добиваат конкурентно образование за глобалниот натпревар. Успешните приказни во образованието најчесто се резултат на лична иницијатива, лични амбиции и ангажираност од самите студенти и професори – рече Иванов.

Тој посочи дека како претседател, но и како универзитетски професор, континуирано се среќав со студентите.

– Минатата година имав одделни средби и со најдобрите студенти од сите државни универзитети од Република Македонија на кои отворено разговаравме за сите проблеми и прашања со кои се соочуваат студентите. Заеднички заклучок од тие средби беше дека локалните стандарди создаваат локална вредност, а светските стандарди создаваат светска вредност. На Македонија ѝ се потребни студенти и професори според врвни стандарди за да бидат препознатливи и конкурентни на глобалниот пазар на знаење. Само на таков начин, нашите студенти и професори ќе станат партнери, а не само консументи на резултатите на глобалните научноистражувачки достигнувања – изјави претседателот.

За тоа да го оствариме, потребни ни се длабоки реформи во образованието на сите нивоа, смета Иванов и додава дека сите се согласни за една работа, а тоа е потребата од висококвалитетно образование. Заедно треба да го најдеме најдобриот пат до таа цел.

– Ќе го издвојам проектот за целосно стипендирање на студентите што се запишуваат на 100-те најдобри универзитети во светот, кој е достоен за почит. Македонија е една од ретките држави во светот што имаат ваков вид стипендии. Со ова инвестираме за идните генерации да имаат подобри услови од претходните генерации.Останува овој процес на стипендирање успешно да се заокружи и да се спроведе до крај, онака како што е планиран, за студентите кога ќе се вратат во Македонија веднаш да најдат работа – истакна Иванов.

Претседателот посочи дека со внимание ја следи широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование и дека неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот… па заеднички и низ дијалог да се најде најдоброто решение.

– Студирањето е и израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува. Науката во минатото се сметаше за трошок. За жал, тој ментален став сè уште постои и денес. Премалку се инвестира во науката и во научните истражувања – нагласи македонскиот претседател.

Како што беше зголемен буџетот за образование, така треба да се зголемува и буџетот за наука. Кога сами си ја финансираме науката, сами си ги одредуваме приоритетите, бидејќи сами знаеме што ни е најпотребно. Секаде каде се вложувало во образование и наука, порано или подоцна, резултатите биле позитивни. Затоа, повикувам буџетот и поддршката за науката да бидат зголемени, бидејќи економскиот успех на државата се темели на знаење, наука и образование. Вложувањето во наука и во  истражување влијае врз намалувањето на невработеноста и на зголемувањето на конкурентноста на македонската економија, порача претседателот Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top