Целосно функционален парламент ќе ја подобри атмосферата на Советот на ЕУ, вели Алојз Петерле, претседателот на мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и на Македонија. За него, препораката на ЕК е доволна за почеток на преговорите, но ја нагласува и опасноста од долгиот застој во евроинтеграциите, кој може да донесе несакани последици.
ПЕТЕРЛЕ: Кога се создава вакуум, празниот простор многу лесно се пополнува, но не секогаш и незадолжително во насока на интересите на ЕУ. Во крајно порозниот светски поредок, ЕУ не би требало да ја занемари интеграцијата и безбедносните аспекти на Западен Балкан. Ова во себе содржи и голема одговорност на државите-членки на Унијата, кои треба многу добро да разберат дека без јасен план за интеграција на кандидатите, со јасни одредници за да се постигне тоа, регионот тешко ќе се насочи во правец на ЕУ. Јас се согласувам со изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан дека квалитетот е многу важен, не само брзината. Затоа, мора да биде избегната големата асиметричност во интегрирачкиот процес на регионот.
Преговорите со Грција се во застој, состојба што ја констатираше самиот Метју Нимиц. Шесте препораки придонесоа за пораст на евроскептицизмот во Македонија. Го прашавме Петерле, дали Македонија може да се надева на употреба на хрватско-словенечкиот модел на паралелни преговори?
ПЕТЕРЛЕ: Колку што јас разбрав, предуслов на Грција за да ги одблокира преговорите е земјата да ги исполни копенхашките критериуми и, под покровителство, да се најде решение за прашањето за името. Мислам дека отворањето на преговорите, всушност, ќе помогне во решавањето на прашањето за името наспроти сегашното статус кво, што е далеку од добар избор и за Грција. Кога веќе сте добри соседи во однос на економијата, трговската размена, инвестициите и стратегиските интереси, почетокот на преговорите со ЕУ ќе овозможи нов моментум за двете страни за, конечно, да дојдат до договор за прашањето за името. Би било многу важно во заклучоците да се реетаблира довербата и во процесот на прием во ЕУ и во исклучителните билатерални прашања. Во однос на билатералните прашања, секој случај е посебен и тешко е да се направат паралели. Политичките одлуки мора да се направат и во однос на овој предизвик. Во меѓувреме, јас би земал предвид дека земјата инвестира многу енергија во вклучувањето во макрорегионалната стратегија на ЕУ за јадранскиот и за јонскиот регион и, исто така, го трасира својот пат во НАТО, со оглед на дадениот позитивен момент за да се случи тоа.
Добриот познавач на внатрешнополитичката ситуација во Македонија бара политички дијалог и функционирање на парламентот.
ПЕТЕРЛЕ: Целта на сите избрани членови на парламентот би требало да биде повторното воспоставување на работата на Собранието во целост. Во однос на ова, треба да се пронајде некаков тип политички договор меѓу лидерите на владејачките партии и меѓу опозицијата. Несомнено, овде се работи за заедничка одговорност и, во најголем интерес на победничките партии е да го олеснат реоформирањето на целосно функционален парламент, дури и ако тоа значи одржување преговори на неформално ниво. Според мене, „што“ е поважно од „како“. Каналите на дијалог треба да бидат понудени како прв чекор.
Словенечкиот европратеник не сака да го прејудицира резултатот на Советот на ЕУ за Македонија, но повторно апелира дотогаш да се овозможи целосно функционирање на парламентот.
ПЕТЕРЛЕ: Мислам дека главниот факт што треба да се земе предвид е процената на Европската комисија дали Македонија доволно ги исполнува политичките критериуми за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Јас би бил задоволен доколку членовите на Советот на ЕУ го земат предвид и негативниот импакт на одолжувањето на статус кво. Не мислам дека изборите овде или таму се добар изговор за недостигот од акција. Поради тоа, јас ќе повторам дека комплетното функционирање на парламентот во целост ќе ја подобри атмосферата на Советот на ЕУ.
Брисел му „врти“ на СДСМ, но „претплатникот не е достапен“?!
Канонадата на повици до македонската опозиција од Брисел помина без никаков резултат. Сите бараат СДСМ да им помогне за да ни помогнат. Претходеа многумина, а во текот на само една недела, се изнаредија 10 различни европски политичари. Еврокомесарот Јоханес Хан им порача: „Особено би сакал да ја видам опозицијата да се врати во Собранието и секогаш кога ќе можам ќе го кажувам ова…“ Новиот известувач од ЕП за Македонија, Иво Вајгл, беше уште подиректен: „Опозицијата мора да се врати во парламентот. Тоа беше и мојата порака до лидерот на опозицијата…“ Истото го кажа и неговиот претходник, Ричард Ховит: „Бојкотот не е решение. Надминувањето на проблемите е знак за зрела демократија“. На иста линија беа и Александра Кас Грање, Маријана Петир, Бернд Поселт и десетици други европски политичари од различни институции, социјалисти, демохристијани, либерали… Познавачите, пак, се прашуваат, од сето ова, што е нејасно за опозиционерите, кои изградија кариера самонарекувајќи се државотворци, кои беспоговорно ја послушаа истата таа меѓународна заедница за знамето, името, територијалната поделба и што ли не, а сега, кога се работи за нив, се прават недоветни и партиските интереси ги ставаат над националните и државните?! Најновата шега на социјалните мрежи е дека на секое „вртење“ од Брисел до раководството на опозицијата, Европејците слушаат: „Претплатникот не е достапен или не е во опсегот на мрежно покривање“. Разбирливо, не можете да монтирате бомба и да се јавувате на телефон, нели?! Втората шега ги влече корените од 2004 година: „Некои повици не заслужуваат одговор…
СДСМ со граматички грешки ги крие пораките од ЕУ
Старата практика на затскривање на пораките на ЕУ продолжи со несмален интензитет. Правдољубивите „заштитници“ на вистината по којзнае кој пат ја „загубија“ пораката на Брисел, овој пат пренесена лично од новиот известувач за Македонија во ЕП, Иво Вајгл. Тој во интервју за телевизија „Алфа“ изјави:
„Опозицијата мора да се врати во парламентот. Тоа беше и мојата порака до лидерот на опозицијата – кога се има 30 проценти од гласовите, се има голема моќ, се има значаен мандат од своите гласачи и тој треба да се искористи, а не, практично, да се отфрли“.
Во штурото соопштение на СДСМ по средбата со Вајгл, немаше ниту збор за ваква порака, која Заев ја добил директно од известувачот. Освен што изјавил лидерот, за кажаното од Вајгл имаше три реда, па дури и тие со сериозна граматичка грешка:
„Европратеникот Вајгл нагласи дека интеграцијата на Република Македонија во ЕУ го смета за приоритет. Тој најави продолжување на пријателската помош и поддршка за Република Македонија за земјата да ги достигне потребните стандарди за членство во ЕУ“. И толку… Во брзањето, очигледно, незадоволни од пораката на Вајгл и во обидот што побрзо да ја затскријат вистината, во СДСМ заборавија дека Вајгл не може „интеграцијата на РМ во ЕУ“ да „го смета за приоритет“. Едноставно, не соодветствува родот на именката и на кратката заменска форма…

И Ховит јасно, гласно и јавно порача дека бојкотот е погрешен чекор. Тешко дека тоа не му го пренел директно и на раководството на СДСМ, но во соопштението по средбата со него немаше ниту збор за ова.
Криењето на вистината е стара шема во партијата, особено кога се работи за средбите на лидерите со челници на ЕУ. Така, двапати по ред, партијата ги криеше пораките на поранешниот еврокомесар Штефан Филе. На Божик и во јуни 2014 година, се излегуваше со изјава по средбата, вторпат и со соопштение, но главните пораки на Филе беа скриени и „изгубени во преводот“. За жал, ги издадоа соопштенијата на ЕК, а сега директно и самите европратеници.
Некои велат дека успешноста на индијанскиот танц за дожд била голема поради фактот што играле до недоглед и до бесвест сѐ дури дождот не падне, а кога-тогаш, некогаш и мора да заврне. Слично е и со македонската опозиција и играта со лагите и со бомбите. Некогаш, некој и ќе поверува…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 119. број на неделникот „Република“, 12.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




