Вечерва во 19 часот свечено ќе се отвори Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ во општина Кисела Вода. Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ ќе се отвори со промоција на книгата „Данаил Станојески (Семантички Македонец)“. Промотор ќе биде Проф.д-р Лорета Георгиева – Јаковлева од Институт за македонска литература, и претседател на Центарот за култура и културолошки студии.
Центарот има за цел да дејствува како културно-едукативен простор во кој ќе се стимулира уметничкиот израз, став и набој, посебно инсистирајќи на ангажирано учество на публиката како краен реципиент. Полето на интерес на Центарот е фокусирано на изведувачките, визуелните, аудиовизуелните уметности низ аспектите на глобалниот, мултидисциплинарен израз на создавање, претставување и интерпретација на современите уметнички форми.
Центарот преку промислувањето на уметноста како индивидуален, но и општествен и политички чин ќе влијае на средината и општеството како промотор на втемелувачките вредности на европоцентричната култура и традиција преку иновативни, критички уметнички опити. Воедно, на локален план ќе влијае на културната политика и на другите јавни политики кои се врзани со неа, ќе придонесува кон децентрализација на културата во Македонија и ќе воспоставува регионални културни сработки со земјите од Југоистична Европа,како и други сродни културно-уметнички и општествени контексти. Ќе придонесува кон развојот на интеркултурниот дијалог и негувањето на културната разноликост, ќе го јакне капацитетот на артистите на независната културна сцена, ќе ја унапредува едукацијата во областа на културата, ќе создава компетентна публика, ќе иницира стручни и научни истражувања во културата.
Во состав на Центарот, во соработка со Универзитетот за аудио визуелни уметности ЕСРА ќе се организира првата Детска и младинска филмска академија, музичко ателје, и аниматорското студио.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


