Прегратката, исто како и здравата исхрана и редовното вежбање, го зајакнува имунитетот и го штити организмот од инфекции, тврдат научниците.
Стручњаците од Универзитетот „Карнеги Мелон“ утврдиле дека прегратките имаат благопријатни ефекти затоа што се облик на општествена поддршка.
– Тестиравме дали општествената поддршка е ефикасна во превенција на намалување на имунитетот предизвикан од стрес, како и тоа дали прегратките може да нѐ заштитат од инфекции – вели водачот на истражувањето Шелдон Коен, професор по психологија.
Во истражувањето учестувале повеќе од 400 возрасни луѓе и биле собирани податоци за нивните односи со луѓето од опкружувањето во текот на 14 дена. Било следено колку често се карале и колку често се прегрнувале со блиските лица. Потоа биле изложени на вирус и биле во карантин.
Авторите откриле дека лицата што имале поголема општествена поддршка биле изложени на помал ризик од инфекција отколку тие што често се расправале.
– Прегратката од личноста на која ѝ верувате може да биде голем знак на поддршка и голем борец против стресот – вели Коен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.