Министерството за внатрешни работи продолжувајќи со континуираните активности во поглед на спречување на продажбата и употребата на пиротехнички средства вчера на две импровизирани тезги на Бит пазар пронајде и одзема
околу 350 илјади парчиња разновидни пиротехнички средства.
Во изминатата недела постапувајќи во рамки на овој вид активности Единицата за недозволена трговија- Одделение за недозволена трговија со оружје и експозивни материи заплени околу 50 илјади парчиња разновидни пиротехнички средства. Притоа, соопшти денеска МВР, против лицата кај кои се пронајдени пиротехничките средства ќе бидат
поднесени соодветни пријави.
Кај С.К. (44) од Битола во близина на Железничка Станица Скопје пронајдени и одземени беа 20.000 парчиња пиротехнички средства. Против него ќе следи кривична пријава за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Потоа кај Н.Р. (45) од Битола во близина на Железничка Станица Скопје се пронајдени и одземени 25.000 парчиња пиротехнички средства. И против него ќе следи кривична пријава за кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Кај лицето Т.И. (46) од Скопје во централното градско подрачје беа пронајдени и одземени 1500 парчиња пиротехнички средства, а против него ќе следи прекршочна пријава по Законот за експлозивни материи.
И кај лицето И.А. (49) од Скопје на ул.„Христијан Тодоровски-Карпош“ се пронајдени и одземени 6.500 парчиња пиротехнички средства, а против истиот ќе следи кривична пријава за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Според статистичките показатели, во текот на изминатите 11 месеци на 2014 година по кривична постапка запленети се 221.908 парчиња петарди како и 4.558 ракети и 1.770 огномети. По основ на прекршочна постапка -10.841 или севкупно над 230.000 парчиња петарди. Кривично се пријавени 35 лица за 34 кривични дела од областа на недозволена трговија каде има заплена на петарди. Најмногу од бројката запленети пиротехнички средства се во Скопје-149.596 парчиња петарди, 914 ракети и 1671 огномети. Лани во ваквите полициски активности по кривична постапка беа запленети 111.404 парчиња петарди и 57 ракети а по прекршочна постапка 17.998 парчиња петарди, а притоа кривично се пријавени 33 лица за 32 кривични дела од областа на недозволена трговија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.