| четврток, 6 декември 2018 |

Европскиот суд ја отфрли жалбата на неуспешните бомбаши-самоубијци од Лондон

echrЕвропскиот суд за човекови права ја отфрли жалбата на тројцата бомбаши-самоубијци од Лондон, кои на 21 јули 2005 година се обидоа да извршат терористички напади во подземната железница на британскииот главен град и врз градски автобуси.

Рамзи Мухамед, Муктар Саид Ибрахим и Јасин Омар се жалеа до Европскиот суд во Стразбур, за тоа дека биле „прекршени нивните човекови права“ во текот на судењето од пред девет години.

Тројцата осудени бомбаши-самоубијци и нивните адвокати тврдат дека изјавите што тие им ги давале на полицијата при сослушувањата, биле дадени без присуство на адвокати, како и дека овие изјави подоцна биле искористени против нив како докази.

Четвртиот од оваа терористичка група, Исмаил Абдурахман се жалеше на Судот за постапката и однесувањето на полицијата и детективите кон него, тврдејќи дека „имале нефер однос“ кога бил испрашуван како сведок, против тројцата првообвинети.

Оваа терористичка група на 21 јули 2005 година, само две недели по претходниот терористички напад од 7 јули врз три линии на подземната железница и еден градски автобус во кои беа убиени 52 лица, се обидоа да изведат ист таков бомбашки напад во Лондон.

Нивната цел беше да предизвикаат многу повеќе човечки жртви, но експлозивните направи поставени во нивните ранци откажаа, па за да не бидат фатени тие се обида да побегнат во странство.

По неколкудневен „лов на бегалците“, тие беа откринеи и уапсени. На судењето, Мухамед, Ибрахим и Омар беа осудени на доживотен затвор, каде треба да останат најмалку 40 години пред да може да побараат помилување.

Абдурахман беше обвинет само за помагање на првите тројца, па заработи десет години затвор, но подоцна неговата казна беше намалена на осум години.

Судот за човекови права ги отфрли жалбите на сите четворица терористи, пресудувајќи дека немало никакави повреди на нивните човекови права, ниту во постапките на полицијата и истрагата, ниту во текот на судењето кое е оценето како фер и праведно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top