| четврток, 6 декември 2018 |

Архиепископски црковен срам

popovite za ausАрхиепископот г.г. Стефан ставил потпис на решението на Архиепископскиот црковен суд со кое се потврдува скандалозната одлука на Владиката г. Петар за екскомуникација од православието на Игор Аврамовски Александров, претседателот на македонските црковни заедници во Австралија, пренесува Пресс24. Иако одлуката на Владиката г.Петар донесена пред неколку месеци предизвика скандал, бидејќи е донесена надвор од неговите ингеренции, затоа што Александров не е под надележност на г. Петар, туку на владиката г. Тимотеј, сепак Архиепископскиот црковен суд и дал легитимитет, со што скандалот дополнително се продлабочува.

Од кабинетот на Архиепископот г.г. Стефан, само ја потвдруваат веста, без да прецизираат детали како таа одлука е донесена, додава порталот.

-Архиепископскиот црковен суд е надлежен суд, кој во рамките на својата дејност ја потврдува одлуката на Епархискиот црковен суд, доколку не биле повредени постапката и правилата за водење на предметот и доколку приложените докази се адекватни со изречената казна, стои во официјалниот стаф на Кабинетот на Архиепископот, г.г. Стефан, кој претседата и со Архиепископоскиот црковен суд.

Како што стои и во официјалниот одговор од кабинетот на Архиепископот, Архиепископскиот црковен Суд воопшто не е надлежен да екскомуницира, туку е надлежен да потврдува валидност на одлуки на Епархиски судови. Но, Архиепископот не прецизира дали епархискиот суд на Владиката г. Петар е надлежен да екскомуницира верници од општините на Тимотеј.

За скандалот да биде уште поголем, владиката г. Тимотеј воопшто не бил запознаен за седницата на Архиепископскиот црковен суд. Тој очекува објаснување за оваа одлука најверојатно уште на првата наредна седница на Синодот на МПЦ-ОА, закажана за в среда.

-За оваа одлука ќе разговараме на синодската седница, дали на оваа сега за два дена, дали на следната, но не е во ред тоа што јас не сум бил запоезнаен со тоа, а уште повеќе што Игор Аврамовски Александров не добил решение за екскомунија, вели г. Тимотеј, потенцирајќи дека тој досега никого не екскомуницирал.

Ситуацијата е многу поскандалозна отколку што на прв поглед изгледа, бидејќи станува збор за одлука за екскомуникација донесена од Владиката г.Петар, а мотивирана од лични причини, велат високи црковни извори. Тие посочуваат дека во Архиепископоскиот црковен суд, членуваат само двајца владици. Архиепископот, г.г Стефан и Повардарскиот митрополит, г. Агатангел. Според нашите високи црковни извори, за ова прашање мора да се изјазни и Синодот, бидејќи оваа одлука суштински влијае на одлуки донесени од Синодот во 2012 со кои црковните општини каде Александров е претседател се под ингеренции на г. Тимотеј. Оваа одлука фактичи е и одлука со која Архиепископот г.г. Стефан, без знаење на г. Тимотеј му ги одзема ингеренциите и остава г. Петар да одлучува за неговата Епархија.

Од друга страна пак, владиката Петар смета дека се запазени сите прописи и верува дека ова ќе стави крај на поделбите во австралија. Г. Петар му се заканува и на г. Тимотеј дека ако не се согласи со оваа одлука и тој ќе биде ставен во рангот на Александров.

-Оваа одлука е конечна. А ако Тимотеј се противи на таа одлука и продолжи да го поддржува Александров и тој ќе биде расколник, категоричен е г. Петар.

Марјан Николовски, новинар кој долги години ги следи состојбите во верските заедници, особено во МПЦ смета дека станува збор за една карикатура на одлука на Архиепископскиот црковен суд, која би ја имала истата важност, колку што ќе има важност и одлуката на Српската православна црква за расчинување и екскомуникација на Архиепископот г.г Стефан.

-Ова мене ми личи нешто како да МПЦ му забранува на Александров да навива за МПЦ, или уште пострашно себе си да се претставува како православен. Има ли поголема брука за една црква да донесе таква одлука и уште на таквата одлука да се потпише лично Архиепископот, прашува Николовски.

-Заете што, крајно време е Дедо Стефан да замине в манастир. Неговото 15 годишно управување ја доведе МПЦ на најлошото ниво кое што некогаш го имала. Денес МПЦ се соочува со сериозни предизвици, тотално поделено архиерејско тело, довербата меѓу верниците е падната на најниско ниво. Архиепископот г.г. Стефан, за жал, се повеќе покажува дека нема капацитет за менаџирање на црквата. Неговата неодлучност, немањето цврст став, неможноста да наметне авторитет, им остава простор на поедини структури во МПЦ да работат на разнебитување на црковното ткиво. Денес МПЦ е црква на интриги, поделеност и квази единство. Тоа лесно може да прерасне во раскол од невидени размери. За жал денеска никој од МПЦ во архиепископот не гледа како на духовен водач. Архиепископот г.г. Стефан е заложник и предмет на уцена на нечии валкани игри. На кои? Тој самиот најдобро знае. Според мене, се ова што се случува со МПЦ и најавите  од СПЦ за расчинување на Архиепископот,  најверојатно се во директна коралација со одредени структури внатре во МПЦ, вели Николовски.

АЛЕКСАНДРОВ: СТЕФАН НА СУД ЌЕ МОРА ДА ОБЈАСНИ ЗОШТО ЈА ПОТПИШАЛ ОДЛУКАТА

Игор Аврамовски Александров вели дека одлуката е донесена од страна на неканонски Епархиски ‘суд’, кој нема никаква надлежност ниту врз него, ниту врз било кој друг верник од општините под надлежност на владиката Тимотеј.

-Ако г.г. Стефан навистина го потпишал прогласот, останува да видиме со што бил уценет или врбуван за да го стори тоа. Еден начин на кој ќе може тоа да го дознаеме е ако г.г. Стефан дојде во Австралија да сведочи на суд во одбрана на Петар, кога ќе покренам граѓанско-судска постапка за налог со кој на Петар и неговата банда ќе им се забрани лажно и неосновано да тврдат дека сум екскомунициран од Православието. Тоа ќе го започнам веднаш штом се вратам во Австралија, вели Александров.

-Очигледно е дека креаторот на овој нов циркуз во врвот на МПЦ има намера да го спречи регистрирањето на Епархија на МПЦ во Австралија, под духовно водство на г. Тимотеј, според начелата договорени со комисија на Синодот на МПЦ, во Декември 2012. Зад овој циркус стојат истите корумпирачи на МПЦ кои се обидуваат и да ја спречат посетата на Австралија на г. Тимотеј во Јануари 2015, на која ќе се одржи Епархиско Собрание за утврдање на нацрт-конституцијата и нацрт-статутот за регистрирање на Епархија, кои со г. Тимотеј ги договоривме во конечна форма при мојата актуелна посета на МПЦ, вели Александров.

ПЕТАР ЌЕ ПРАВИ НОВА ПАРАЛЕЛНА ЦРКВА ВО БРИЗБЕН

Следниот месец во јануари е најавена првата посета на Митрополитот. Г. Тимотеј на црковните општини кои се под негова надлежност во Австралија. Паралелно со патувањето на г. Тимотеј, во Австралија ќе патува и г. Петар. Но она што, според информациите кои доаѓаат од Австралија е спорно е тоа што, Г. Петар се обидува да предизвика нов скандал. Македонците од Австралија велат дека на тоа патување г. Петар ќе осветувал нова црква и тоа во црковна општина која е под јуриздикција на г. Тимотеј.

-Владиката Петар продолжува со поделбите и скандалите. Сега сака да предизвика нов секризен конфликт. На само неколку метри од нашата црква во Бризбен ќе осветува нова паралелна црква. Така што тој продолжува со практиката на создавање поделби, велат Македонците во Австралија.

Според информациите за да си даде легитимитет на оваа постапка, г. Петар на патувањето во Австралија ќе ги води и двајцата најмлади владици, Г. Јосиф од Тетово и г. Јосиф од Куманово. Двајцата владици велат дека не се запознаени со намерите на владиката, г. Петар, но потврдуваат дека има план за нивна посета на Австралија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top