Македонската филхармонија го одбележи седумдецениското постоење со промоција на монографија во која низ документи, фотографии и сведоштва е раскажан развојот на оваа најстара музичка институција – од нејзиното формирање во 1944 до денес. Според министерката Елизабета Канческа-Милевска, ова е импозантно издание во кое на речиси 300 страници се испишани личните доживувања на сите што учествувале во создавањето на оркестарот.
– Монографијата е документ во кој е прикажан растежот на институцијата, изведбата на повеќе од 400 симфониски дела со најзначајните имиња на денешницата, впечатливите настапи низ целиот свет – референците на Македонската филхармонија со кои се гордееме сите. Публикацијата сведочи и за денешните успеси на оркестарот, за грандиозните проекти, зборува за визиите, идеите и за идните предизвици – рече Канческа-Милевска.
Авторките се музиколози кои ја следат работата на Филхармонијата во изминатите дваесетина години, а за основањето и првите години од постоењето истражувале од архивата на Филхармонијата и претежно од написите и рецензиите што низ годините се објавувани во дневниот печат.
– Книгата ја пишувавме така како што самите сакавме да ја читаме, во есеистичко-публицистички манир, без сурова статистика иако таа постои во самите приказни. Прашањето беше што да се стави во една книга од илјадници концерти и уште толку солисти и диригенти кои стапнале на подиумот на Македонската филхармонија. Целта ни беше да го извлечеме најсуштинското, најважното, па и најатрактивното дури и за оние читатели на кои музиката не им е животна определба – рече Иванова.
Коавторката Нолчева-Ангеловска додаде дека 70-те години опишани во публикацијата се плод на макотрпна работа на сите вклучени во организирањето на концертите, не само на тие во уметничкиот дел, туку и на луѓето од администрацијата.
– Благодарение на публиката, која редовно ги посетува концертите на Филхармонијата секој четврток, тоа е причината зошто овој оркестар постои и создава величствена музика – рече Нолчева-Ангеловска, заблагодарувајќи им на сите музичари, диригенти и вработени во Филхармонијата кои ја вложиле енергијата и креативноста во оваа институција.
Јубилејот ќе биде прославен и со концерт на 18 декември во МОБ, на кој како солист ќе настапи рускиот пијанист Борис Березовски, а диригент ќе биде неговиот сонародник Дмитри Лис. По повод 70 години постоење, Македонската филхармонија неодамна доби и Орден за заслуги за Македонија од претседателот на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.