Македонското Собрание денеска, во рамки на 25 седница, усвои одлука за испраќање 38 припадници на Армијата на Република Македонија во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан, како продолжение на учеството во досегашната 12 годишна мисија ИСАФ.
Во мировна операција во Авганистан во наредните шест месеци, согласно одлуката, ќе заминат 5 штабни офицери во тим за советување во Командата за обука, советување и асистирање-Север, во рамки на германсккиот контингент, 13 штабни офицери и 1 подофицер во Командата за обука, советување и асистирање во Кабул, во турскиот контингент, како и единица за заштита на сили од 20 припадници. Финансиските трошоци за транспорт, логистички трошоци, плати и надоместоци на плати на припадниците на АРМ ги обезбедува Министерството за одбрана.
– Значајно е што овој контингент за разлика од претходните е составен од штабни офицери што го докажува квалитетот односно дека имаме офицери способни да преземат командни должности во рамки на НАТО мисиите, рече во образложението министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Со продолжувањето на учеството во мисијата, според Јолевски, се покажува дека Република Македонијка и АРМ ги исполнуваат сите критериуми што се потребни за членство во НАТО. – Со учеството на нашите мировници во вакви мировни мисии придонесуваме за зацврстување на мирот во светски рамки, но треба да се има предвид и дека нашите војници се здобиваат со мошне значајни вештини да се справуваат со најсложени и најмодерни безбедносни закани, оцени министерот Јолевски.
Според пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, важно е што во Македонија постои и политички и граѓански консензус околу стратегијата за членство во НАТО и за учеството во мировните мисии. Таму каде што учествуваме во мисии, посочи Трајанов, сите оценки од меѓународните релевантни фактори се искажуваат афирмативно, а Македонија се вбројува во посериозните држави кои се аспиранти за влез во НАТО.
– Отворената покана за членство во НАТО треба да ја држиме чиста бидејќи во последно време различни меѓународни асоцијации, собранија, и други места, кога се разговара за земји аспиранти за членство, не вбројуваат заедно со други држави, БиХ, Црна Гора, Грузија, за кои нема такви заклучоци од Советот на НАТО. Треба да направиме се одредени киритериуми кои се вклучени во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија да не се префлаат како обврски за нашето членство во НАТО, рече Трајанов.
Пратеникот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека постисаф учеството на македонската армија е нов почеток од историјата за учество во мировните мисии. – Без оглед што сме веќе 14 години во мировните операции на НАТО, ЕУ или ООН, сепак по структурата и задачите што ќе ги имаме се работи за една новина во која ќе бидат вклучени нашите припадници на АРМ. Ако се земе предвид дека на оваа одлука претходеа разговори со нашите НАТО партнери и имаше бројни понуди за заедничко учество, тоа е најдобра евалуација за степеност на подготвеност на нашата армија, за професионализмот и угледот којшто го уживаат во очите на НАТО сојузниците, наведе Димитриев.
Пратениците усвоија и одлука за избор на 11 членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво. Нови членови на советот се Тања Богатинова, магистер по специјална едукација и рехабилитација од Велес, Тања Кикеркова, дипломиран правник од Скопје, Александар Антониќ, доктор по медицина, Невена Петровска, дипломиран педагог, Лилјана Јаковчевска, дипломиран криминалист од Скопје, Жарко Ристески, дипломиран социјален работник од Македонски Брод, Татјана Ристова Димова, дипломиран прихолог од Велес, Азиме Адеми, Цена Чаловска, Елена Талев и Валентина Димовска, експерти претставници од министерствата за правдам, за внатрешни работи и од Врховниот суд и Адвокатската комора на Македонија.
Пратениците го поддржаа и предлогот на Владата предложените измени и дополнувања на законите за електронските комуникации, за процена, за здравственото осигурување, за придонеси од задолжително социјално осигурување и за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за акцизи, да се донесат по скратена постапка.
Собранието ќе продолжи со работа по редовната пауза, во 15 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.