Неидентификуваниот напаѓач на кафулето „Линд“ во центарот на Сиднеј, каде што држи заложници, побарал да разговара со австралискиот премиер Тони Абот, објавија тамошнитемедиуми.
Некои медиуми тврдат дека напаѓачот, кој, најверојатно, комуницира преку интеренет, сокрил бомба во кафулето, како и дека ја предупредил полицијата дека има поставено бомби и на неколку други локации во центарот на Сиднеј, но засега нема потврда за тоа.
Австралиските власти побараа од медиумите внимателност при дозирањето наинформациите, за да не се направи паника и да се рашири страв, особено што денеска безбедносна тревога беше подигната и во неколку познати локации на овој град, како што се зградата на Сиднејската опера и локалната библиотека. Полицијата тврди дека другите неколку инциденти, не се поврзани со нападот врз кафулето „Линд“.
Нападот е извршен денеска наутро по 9 часот по локално време, додека жителите на овој најголем град во Австралија одат на работа.
Маж со турбан, со торба во рацете и со оружје е виден како влегува во кафулето, кое е и продавница за чоколада, па затоа во него секогаш има голем број посетители.
Полицијата не знае колкумина заложници се наоѓаат во кафулето, но според претставник на компанијата „Линд“, кој е познат светски производител на чоколада, во кафулето има десетмина вработени и се верува дека во време на нападот имало 30 потрошувачи.
Напаѓачот принуди неколкумина од заложниците, на стаклото од излогот на кафулето да истакнат црно знаме со арапски натпис, што личи на знамето што го користат џихадистите од групата Исламска држава (ИД), но стручњаци тврдат дека не станува збор за исто обележје.
Локалните медиуми сега тврдат дека напаѓачот побарал и да му се достави знамето на ИД, веројатно подготвувајќи се подолго време да остане во кафулето, држејќи заложници за да ја „пропагира“ активноста на џихадистите.
Во меѓувреме, петмина заложници, тројца мажи и две жени успеаја да побегнат и тие сега се на разговор во полицијата, но не се открива дали тие самите се решиле на бегство или им било дозволено да излезат за да ги пренесат барањата на напаѓачот и за да се воспостави комуникација со полицијата. Нема сознанија, ниту за тоа колкумина заложници останале во кафулето.
Постојат дилеми и дали напаѓачот е сам или има и соработнци, иако засега нема информации дека станува збор за група напаѓачи, како што нема ни информации и за тоа дека некој од заложниците е повреден.
Инцидентот што е означува како најтежок ваков случај досега, се одигрува во најстрогиот центар на Сиднеј, во популарниот „Мартин плејс“ во бизнис зоната на градот. Таму се наоѓаат седиштата на неколку банки и финансиски институции, а во непосредна близина се и Конзулатот на САД, како и седиштето на премерот на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


