| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: ЕУ да се ангажира за решавање на спорот за името

fatmir besimi

Доколку Македонија во декември не добие датум за официјално отворање на преговорите, тоа да се случи во текот на наредната година штом се создадат услови за тоа и да не се чека наредниот Самит во декември, побарал вицепремиерот Фатмир Бесими на средбата вчера во Брисел со Федерика Могерини, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

– Предлог заклучоците на Европскиот совет ќе се финализираат следната недела. Состанокот не е во формат во кој ние можеме да разговараме по однос на Предлог зкалучоците и да ги менуваме. Тоа што побаравме е во нив секако да стои доколку успее да се добие согласност да се даде датум во декември. Но, знаеме дека е тоа тешко да се очекува. Второто барање е ако во декември не добиеме датум за официјално отворање на преговорите тоа да биде во текот на наредната година во момент кога ќе се создадат услови за да се започнат преговори и да не се чека до наредниот Самит во декември, слично како со НАТО, рече Бесими по координативната средба со донаторската заедница.

Во однос на барањето за вклучување на ЕУ во решавањето на спорот за името кој ја блокира евроинтеграцијата на Македонија изнесено на средбата со Могерини, Бесими очекува тоа прашање да биде разгледано од ЕК во наредниот период.

– Го искористив состанокот да укажам дека европската интеграција останува наш стратешки приоритет. Во однос на отворените прашања конкретно прашањето за името кое оневозможува консензус во Советот на ЕУ за официјално да ги отвориме преговорите, побаравме начини како ЕУ да се вклучи за овој процес да се интензивира. Секако, на еден состанок не може да се добие конкретен одговор, но нашето барање беше поставено со аргументи, рече Бесими.

Тој потсети дека вакво барање е наведено и во самиот извештај на ЕК каде се повикуваат лидерите на земјите членки на ЕУ да се вклучат во олеснување на процесот на преговори по однос на прашањето за името. Бесими воедно укажа дека она што е важно како уверување што го добил од Брисел е дека иако и во изјавата на новиот претседател на ЕК, Жан Клод Јункер дека во наредните пет години нема да има нова земја членка на ЕУ сепак интеграцијата на земјите од Западен Балкан останува во фокусот на Унијата.

– Тие исто така очекуваат од нас конкретни резултати и во однос на прашањето за името, но и во однос на препораките во Извештајот  за реформите, посочи Бесими.

За координативната средба со донаторската заедница, тој информира дека денеска заедно со Делегацијата на ЕУ го презентирале стратешкиот документ за ИПА 2 со кој се алоцирани 664 милиони евра за Македонија за периодот 2014/2020, средства кои ќе бидат искористени за седум приоритетни области. Како што посочи средбата вообичаено се одржува  на крајот на годината  во декември кога се подготвуваат плановите за наредната година со билатералните донатори и меѓународните институции, а исто така и повеќегодишните планови за развој на Република Македонија.

– Констатиравме дека оваа форма на координација ќе биде редовна и ќе се одржува на тримесечна основа. Исто така ќе има и оперативен дел, структура која во рамките на институциите што ја поддржуваат ќе работи на подготовка на документите. Ќе има еден заеднички портал каде ќе се презентираат сите проекти по областите кои се приоритетни за поддршка на развојот на РМ. Главната цел е да се подобри координацијата на странската помош. Исто така и да се подготват домашните институционални капацитети за искористување на инвестициони фондови не само во оваа фаза, туку и кога Македонија ќе стане дел на ЕУ. Со ваквата подобра координација целта е да се поддржи развојот и животниот стандард на РМ  и да се изнајдат модели кои ќе го привлечат приватниот сектор во развојни проекти во РМ во иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top