| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирани првите изданија од проектот „Превод на македонски книги на шест јазици“

По повод промоцијата на првите десет изданија пред присутните говореа Иван Заров, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, промоторот Раде Силјан, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски

knigi_antologii-650x396

Првите десет тома од капиталниот проект „Антологиски превод на македонски книги на шест светски јазици“ денеска беа промовирани во Порта Македонија. Станува збор за седум антологии на македонскиот расказ, поезија, драма, детска литература, есеистика и публицистика како и Антологија на македонскиот роман во два тома, кои ќе бидат преведени на шест светски јазици: француски, германски, шпански, кинески, арапски, руски јазик, или вкупно 48 дела.

По повод промоцијата на првите десет изданија пред присутните говореа Иван Заров, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, промоторот Раде Силјан, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

– По преводот на едицијата 130 тома македонска книжевност кој беше дистрибуиран во повеќе од 300 библиотеки и научно образовни институции во светот, овој Антологиски приказ на најдобрите остварувања на македонските автори е уште еден крупен чекор со кој ја одразуваме нашата свест и чувство за валоризација на вистинските вредности. На овој начин ја потврдуваме нашата долговечност како култура која знае да ги почитува и да ги негува високите литературни дострели на генерациите македонски автори создавани во минатото и денеска, рече министерката за култура  Елизабета Канческа – Милевска.

Таа посочи дека рамноправна афирмација во овој антологиски пристап ќе добијат и втемелувачите на македонскиот литературен збор и нивните следбеници, но и најмладите автори кои, како што рече, својот авторски зенит ќе го доживеат за неколку години.

– Годините кои се зад нас претставуваат исклучително плоден период за многу клучни и значајни проекти од многу полиња од значајност за граѓаните, за општеството и сеопшто за Република Македонија. Во делот на книжевноста и литературата беа започнати и реализирани серија на капитални проекти кои долго време и недостасувале на нашата држава и кои денес зрачат со трајни добра и големи вредности за нашата култура и образование, посочи премиерот Никола Груевски.

Тој се осврна на досега реализираните проекти: „130 тома Македонска книжевност“, „Превод на литературни дела кои добиле Нобелова награда за литература“, „Ѕвезди на светската книжевност“, „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на првите 100 универзитети во светот“.

-Секој дел и секој збор од овие проекти денес претставува симбол на нашите заложби да оствариме крупни дела за нашата држава и нешто вредно за сегашните и идните генерации на граѓани, рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top