| четврток, 6 декември 2018 |

Пазарот може да се освои само со сопствена марка

Состојбата на текстилците кај нас ја карактеризираат две тенденции, едната предизвикува постепено селење на оваа индустрија на Далечниот Исток, каде што цената на работната сила е значително пониска, а втората тенденција е позитивна и е предизвикана од постепеното излегување од кризата на земјите од Западна Европа. Растот на текстилната индустрија во почетокот на годинава е резултат на заживувањето на економијата во Европа

Македонската текстилна индустрија со години се бори да си го најде сопственото место под сонцето кое го заслужува, со оглед на тоа дека обезбедува егзистенција на голем број семејства. Сепак, се работи за трудоинтензивна дејност во која владее системот на лон- производство и каде што просекот на плати е низок, па оваа гранка константно се соочува со истите проблеми – недостиг од квалификувана работна сила и неповолни извори на финансирање – кои го оневозможуваат нејзиниот раст. Текстилците велат дека создавањето сопствена марка, обновувањето на застарената технологија и подмладувањето на работната сила се клучните работи што задолжително треба да се спроведат во практиката за опстанок и развој на една од носечките индустриски гранки. Според нив, минимален пораст на текстилната индустрија на почетокот на годинава не значи дека таа излегла од кризата и дека може да се очекуваат големи стапки на развој. Еден од нај­силните фактори што може да им даде ветар во грбот на текст­илците е создавањето наша, македонска марка.

– Создавањето сопствен производ, по кој ќе бидеме препознатливи во светот, е единствен начин за текстилната индустрија да исплива од состојбата во која долго време едвај преживува. Дефинитивно, треба да се напушти лон-производството бидејќи со него не се препознава нашиот удел во производот. Така би се надминале и неформалните бариери на надворешните пазари кои ни ги наметнуваат штитејќи и протежирајќи ги своите марки. Турција ја разви оваа гранка дури откако направи класичен извоз на свои производи, а не лон, и така стана препознатлива на пазарот – вели Ангел Димитров, директор на конфекцијата „Мода“ и претседател на Здружението за текстилна индустрија и конфекција.

Сепак, создавањето сопствена марка е голема финансиска ин­вестиција, која голем дел од текстилните компании не можат да ја издржат, па текстилците сметаат дека државата треба да размислува за субвен­ционирање на оваа гранка.

– Инвестициите се неопходни за осовременување на производствениот процес за да се надомести губењето на работната сила, а истовремено ќе придонесат за поголема продуктивност и издржување на притисокот за намалување на цените на услугите. Сепак, инвестирањето во текстилната индустрија во земјава е тешко бидејќи каматните стапки се високи, повисоки од европските, што ги ограничува нашите планови за проширување и за осовременување на производството, иако тоа е единствен начин да се издржи конкуренцијата од земјите околу нас, како Бугарија, Србија и Албанија, кои имаат речиси идентична цена на работната сила, но истовремено вложуваат поголеми средства во модернизација и опремување на тамошните фабрики – објаснува Димитров.

Претседателот на Здружението за текстилна индустрија и конфекција вели дека состојбата на оваа индустрија кај нас ја карактеризираат две тенденции, едната предизвикува постепено селење на оваа индустрија на Далечниот Исток, каде што цената на работната сила е значително пониска, а втората тенденција е позитивна и е предизвикана од постепеното излегување од кризата на земјите од Западна Европа. Тој додава дека порастот во почетокот на годинава бил резултат на заживувањето на економијата во Европа, но дека тој не може да се одржи на подолг рок. Во одредени месеци може да се очекува зголемување, но на долг рок тоа е неодржливо.

– Индексот на индустриското производство од јануари до јуни 2014 година, во однос на истиот период во 2013 година, изнесува 126 и е значително поголем од индексот на преработувачката индустрија, кој изнесува 7,8 отсто, но овој пораст може да биде резултат и на сезонски влијанија. Сепак, текстилот е најчувствителен на сите негативни тенденции бидејќи тешко расте, а лесно паѓа. Тој се смета за луксуз, па при криза, граѓаните прво се откажуваат од него – објаснува Димитров.

Тој додава дека нарачките од странство се карактеризираат со мали серии, брзи испораки и постојан притисок на цените. Големите налози се работат во Бангладеш, Виетнам, Камбоџа и во други земји од Далечниот Исток, каде што платите се движат околу 30 долари месечно.

Во моментов текстилната индустрија вработува околу 32.000 работници за разлика од порано кога бројот на вработени достигнувал до 45.000. Во градовите како што е Штип, каде што текстилната индустрија е најразвиена, во последно време постојано има недостиг од работна сила. Освен недостиг, текстилците се соочуваат и со староста на работниците, со оглед на тоа дека повеќето работници се на возраст од 50 до 60 години, а младите не се заинтересирани за работење во конфекција.

– Овој недостиг е предизвикан од заминувањето на младите надвор од земјава за повисоки плати и од отворањето на фабриките во слободната технолошко-индустриска зона, каде што странските фирми можат да исплаќаат поголеми плати од домашните текстилни компании. Кај нас платите се ниски и засега нема услови за нивен позначаен раст – велат текстилците.

Заради подобар и поуспешен настап на надворешните пазари, текстилните компании од Македонија и од Србија решија заеднички да настапуваат пред европските партнери. Целта на вмрежувањето е да се претстави поголем вкупен капацитет за производство, со оглед на тоа дека Македонија и Србија се меѓу најповолните дестинации за брза испорака на мали серии до европските производители на дизајнирана облека.

– Секторот текстил и облека е еден од најважните индустриски и извозни гранки на Република Македонија. Стратегиското значење доаѓа од големината на извозот што го креира овој сектор (400 милиони евра годишно), од бројот на луѓе што ги вработува и од значајното учество во индустрискиот БДП на Македонија (17 отсто). Целта е вмрежување на компании-производители на текстил и облека од двете земји и остварување контакти од кои ќе произлезе конкретна соработка – вели Наташа Сивевска, извршна директорка на Текстилниот кластер. Вмрежувањето е корисно и заради отворање дискусија за понапредни облици на соработка, како заеднички развој, создавање име и настап на други пазари.

– Заедничката борба со српските текстилци е добра иницијатива бидејќи се наоѓаме во иста ситуација. И тие работат лон-производство – смета Димитров.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 118. број на неделникот „Република“, 5.12.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top