| четврток, 6 декември 2018 |

Новогодишни пакетчиња и училиштен прибор за преку 700 деца низ цела Македонија

evn

ЕВН Македонија и Црвениот крст почнаа да ја реализираат новогодишната хуманитарна акција „Да споделиме радост“ во која обезбедија новогодишна претстава и подароци за преку 700 деца низ цела Македонија.

Децата од социјално загрозените категории, децата со пречки во развојот и инвалидитет, штитеници на домови за грижа на деца, згрижувачки центри за деца од улица и други ранливи категории од повеќе градови низ земјава ќе имаат можност да уживаат во новогодишни претстави, фотографирања со Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња со училиштен прибор: ранци и слатко изненадување.

Акцијата почна од Скопје со детската претстава во Театарот за деца и младинци и доделувањето новогодишни пакетчиња за децата од Дневниот центар за деца од улица, Дневниот центар за целебрална парализа и од Центарот за поддршка на ранливи категории деца од населба Ченто.

Новогодишните пакетчиња на децата им ги поделија менаџерката за комуникации на ЕВН Македонија, Ленче Карпузовска, и претседателката на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска.

dedo mraz

– Божикните и новогодишните празници се време кога се прославува радоста, семејството, новиот почеток во новата година. На овие празници најмногу и најискрено им се радуваат децата. Затоа ЕВН Македонија и оваа година заедно со Црвениот крст ќе допре до срцата на сите деца низ земјава на кои им е потребно внимание и поддршка. На овој начин ја продолжуваме и ја продлабочуваме соработката и сакаме да покажеме дека како компанија се грижиме за нашите најранливи категории – рече Карпузовска.

Претседателката на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска, оцени дека ЕВН е вистинскиот партнер кој секогаш знаел да ја оцени вистинската идеја и да даде поддршка на проектите на Црвениот крст.

Хуманитарната акција на ЕВН Македонија и Црвениот крст ќе трае до 26 декември, почна во Скопје, а ќе продолжи низ цела Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top