Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска учествува на министерскиот форум за внатрешни работи и за правда „ЕУ – Западен Балкан“, што во организација на италијанското претседателство со ЕУ се одржува во Белград.
– Државите се повеќе се загрижени за својата безбедност од феноменот на странски терористички борци. Несомнено справувањето со овој проблем наметнува сеопфатен пристап кој ќе обедини мерки за спречување на радикализацијата која води кон тероризам, пресекување на финансиската подршка на терористичките организации, енергична борба против насилниот екстремизам, како и промовирање на политичка и верска толеранција, истакнала министерката Јанкулоска на во обраќањето на форумот.
Говорејќи на темата посветена на борбата против тероризмот со посебен акцент на појавата на регрутирање странски борци, Јанкулоска нагласила дека Република Македонија во последнава година презема повеќе координирани активности на попречување на ваквиот тренд.
– Покрај Стратегијата за борба против тероризам 2011-2015 и Акцискиот план за нејзино извршување Владата на Република Македонија именуваше и Национален координатор за борба против тероризмот и се донесоа измени на КЗ за учество во странска војска, паравојска, полиција, параполиција и други видови на вооружени групи. Повеќегодишните, сириски и ирачки конфликти мобилизираат странски борци, меѓу кои и македонски државјани и од средината на 2012 година регистрирано е заминување на доброволци-џихадисти, од кои според оперативните сознанија, досега загинаа 15-тина лица, истакнала министерката за внатрешни работи
Министерката Јанкулоска говорела и на сесијата посветена на „Борбата против организираниот криминал со посебен фокус против трговијата со оружје, трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти“.
– Извесно е дека нелегалното оружје, трговија со луѓе и криумчарење мигранти и натаму ќе бидат присутни во регионот, па затоа несомнена е потребата да ја одржиме будноста и да ги усогласиме мерките што ги преземеме и што ќе ги преземаме на тој план, потенцирала меѓу другото Јанкулоска.
Во однос пак на темата за „механизмите за следење на пост-визната либерализација“ Јанкулоска изразила задоволство од одлуката на германските власти со која Македонија, Србија и БиХ се ставаат на листата на безбедни земји на потекло и што постепено се намалува бројот на баратели на азил од Република Македонија во земјите на Европската унија, особено во Германија, што, како што посочила, го потврдуваат и последните статистики од Извештаите на “Фронтекс“.
Во тој контекст министерката Јанкулоска презентирала и дел од низата мерки што беа превземени во нашата земја во поглед на спречувањето на појавата на лажни баратели на азил. – Мерките насочени кон откривање и детектирање на организаторите на илегалната миграција резултираа со поднесување на нови 13 кривични пријави против 25 лица од почетокот на оваа година. Од воведувањето на кривичното дело “злоупотреба на визната либерализација“ поднесени се кривични пријави против 59 лица, истакнала Јанкулоска на форумот за внатрешни работи и за правда „ЕУ- Западен Балкан“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
И Гордана Јанкулоска го осудува бегството на Груевски
-
Почна судењето за „Тенк“
-
Во деветти месец од бременоста сум, покажете ги на дело фразите за заштита на мајката и детето – Јанкулоска со отворено писмо до Дескоска и Царовска
-
Тероризам во Ирска? Се испитуваат методите за убиството на еден маж на среде улица