Џихадистите од Исламската држава (IS) коишто во август го погубија американскиот новинар Џејмс Фоли, се подготвени да ги предадат неговите останки на семејството или владата на САД за милиони долари.
-Тие бараа милион долари, а потоа ќе испратат материјал неопходен за правење ДНК анализа во Турција. Но тие прво сакаат да ги добијат парите. Нема да дадат ДНК без парите, изјавил посредникот за дописникот на порталот BuzzFeed.com во Антакија, Турција, посредникот.
Радикалната исламистичка сунитска групација Исламска држава на 19-ти август 2014 година на интернет постави видео во кој маскиран човек со британски акцент типичен за жител на северен Лондон кој се претставува како нејзин припадник го обезглавува американскиот новинар Џејмс Фоли, грабната во Сирија во 2012 година. Според британските разузнавачки служби, егзекуторот е идентификуван како 23-годишниот Абдул Маџид Абдул Бари, познат меѓу милитантите како „Џихади Џон“.
Во еден момент на почетокот од 2014 година, Исламската држава, тогаш именувана како Исламска држава во Ирак и на Левантот (ISIL) во Сирија држеше 23 заложници, државјани на западните сили. Петнаесетина Европејци беа ослободени, откако наводно нивните влади платиле милиони долари за нивен откуп, меѓутоа во заложништво останаа американски и британски државјани. Двете влади одбиваат да преговараат за откуп на заложниците или да им овозможат на нивните семејства да го палат откупот, пишува BuzzFeed.com.
Сите три извора на BuzzFeed.com. коишто работеле како посредници во барањето откуп, барале да останат анонимни во договор со екстремистите, што им ја гарантира нивната безбедност.
Поранешен сириски опозициски борец, кој имал контакти со командантите на Исламската држава од периодот кога тој се борел во исламистичката групација Фронтот ан-Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда, докажувајќи дека е посредник на својот паметен телефон покажа снимки од западните заложници и рекол дека командантите на џихадистите побарале од него да посредува со владата на САД или со семејството на Фоли.
Овој посредник рекол дека неговиот ангажман е од „хумани побуди“. Другиот посредник, пак, се претставил како бизнисмен и бил искрен за своите мотиви – „Ова е бизнис“, рекол. Според него, трговијата со западните заложници создала своевиден „таен пазар“ во кој посредниците како него се обидуваат да дојдат до провизија.
Идејата за продажба на телото на Фоли го привлекло вниманието кај посредниците во регионот, рекол Сириец кој бил ангажиран во претходни посредувања со Исламската држава околу американски заложници.
Изворите во интервјуто правено во турска Антакија на порталот потврдиле дека клучна фигура во преговорите е висок претставник на сириската опозициска сунитска групација Слобода сириска армија (FSA) којашто е поддржувана од САД и неговите западни сојузници, како и сунитските држави во регионот и Турција. Тој изразил разочарување од тоа што во јавноста протекле информации за посредувањето, но потврдил дека пред ликвидацијата на Фоли исто така имало преговори за негово ослободување, откако ќе биде платен откуп.
Ликвидирањето на Фоли беше првата свирепа егзекуција од која снимка беше поставена на интернет, а потоа следуваа грозоморните видеа со обезглавувањата на американскиот новинар Стивен Сотлофф, британскиот хуманитарец Алан Хенинг и поранешниот американски маринец кој во Сирија подоцна формираше хуманитарна организација, Питер Кесиг. Според она што засега се знае, во заложништво на Исламската држава во моментов се британскиот новинар Џон Кантли, една Американска и 26-годишен хуманитарец, чии идентитети не се наведуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.