| четврток, 6 декември 2018 |

Седмо издание на Балканскиот фестивал за современа музика „Модоарс 2014“

Балканскиот фестивал за современа музика „Модоарс 2014“ по седми пат се одржува во неколку градови низ Македонија. Идејата за формирање и реализација на прв фестивал за класична современа музика во Македонија е резултат на потребата и побарувањата на македонските артисти и широкиот аудиториум за следење на светските трендови во областa на музиката.

На Фестивалот свој солистички концерт ќе одржи пијанистката Емилија Маринова која ќе настапи со композиции од македонски автори, но и ќе промовира свои авторски композиции напишани за пијано. Концертот ќе се одржи во среда на 10-ти декември во 20 часот во Културно -информативниот центар во Скопје – Салон 19’19. Гости на концертот ќе бидат дуото за пијано 4 раце Потевска/Џорлева, кои ќе изведуваат композиции од Дебиси, Пуланк и Темков.

Во оф-програмата на Фестивалот МОДОАРС 2014 следува и голем спетакл на музички фузии наречен „Анонимус аперкат“. Свои настапи ќе имаат повеќе музички артисти од Македонија кои ќе имаат свои сетови со музика која припаѓа на различни музички правци од џез, па се до неколку стилови на електронска музика. Музичкиот настан ќе се одржи на 12 декември 2014, во „Сити хол“ Скопје со почеток во 22:22 часот. Македонската публика ќе има можност да ги слушне: „Летечки пекинезери“, DJ Flooder, еден од најпознатите македонски ДЈ-и со светско реноме – Egorhytmia и ДЈ Душко Јаневски.

Разновидноста на настани кои опфаќаат различни музички стилови се многу популарни на европските и светските сцени и организацискиот тим на МОДОАРС преку овој настан на големо задоволство на публиката го реализира и кај нас. На последната вечер на Фестивалот ќе настапи и гостинката од Србија – Љубица Секулиќ со солистичка програма за харфа. Љубица Секулич ги завршува и студиите по харфа и по виола во Гетеборг – Шведска, каде што и моментално живее и работи. Таа настапува со повеќе оркестри, како: ‘’ The Stockholm Sinfonietta’’, ‘’ ‘Norrköping symfoniorkester ‘’,‘’The Stockholm Concertorchestra’’ i симфонискиот оркестар ‘’Sent Mateus’’. На македонската публика ќе и се престави со свој концерт на 17 декември, 2014 – среда во 20 часот во Музејот на холокаустот во Скопје.

Во ова издание на фестивалот веќе се реализираадва концерти и тоа на квартетот „Бореас“ од Полска, кој изведуваше композиции од современи автори на барокни инструменти и свој концерт имаа Стојанче Наумовски – виолончело и Ангеле Михајловски – пијано. Во рамките на фестивалот воедно се одржи и интернационален концерт на млади пијанисти, на возраст до 14 години и тоа од Македонија, Унгарија, САД, Словачка, Англија, Бугарија, Германија, Грција, Шведска и Холандија. Фестивалот се одвива под покровителство на Министерството за култура на Р. Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top