| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит ќе бара датум без одложување

Во нацрт- резолуција наскоро ќе се расправа во ЕП, известувачот Ричард Ховит бара датум за преговори за Македонија темелен врз извештајот на ЕК и иницијативите на Фуле. Жалејќи што името го кочи процесот, Ховит во резолуцијата порачува дека Дијалогот на високо ниво не е замена за почеток на преговорите.

Британскиот европратеник Ричард Ховит во најновата Резолуција за напредокот на Македонија во 2012, за која наскоро ќе се дебатира во Европскиот парламент, отворено упатува повик до Советот на ЕУ да одреди без дополнителни одложувања датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, пренесува државната агенција МИА од Стразбур.

Ховит ги смета за вистински чекор напред заклучоците на Европскиот совет, во кои едногласно беше поддржано донесувањето на временски ограничено решение до јуни 2013 година, врз основа на последниот извештај на Комисијата. Британскиот европратеник притоа го поздравува комесарот задолжен за проширувањето, за неговите иницијативи и го повикува во дополнителниот извештај да ја вклучи проценката на трошоците кои произлегуваат од не-проширувањето.

Во резолуцијата се поттикнува продолжувањето на дипломатски размени кои се случија меѓу Атина, Софија и Скопје и ги повикува сите страни да покажат соодветна заложба за „односи во духот на добрососедството“, врз основа на заемна почит и пријателство, притоа се повикува  ирското претседателство да спроведува интензивни дипломатски напори за да се постигне задоволителен исход, пренесува МИА.

знамињаИзвестувачот за Македонија и повторно жали што спорот за името го блокира патот на земјата за членство во ЕУ и изразува согласност со Европскиот совет дека прашањето за името треба да биде конечно решен без одложување од ниту една страна. Во согласност со тоа Ховит повторно упатува повик кон Комисијата и Советот да почнат да развиваат во согласност со Договорите на  ЕУ применлив арбитражен механизам, кој би имал за цел решавање на билатералните прашања меѓу земјите вклучени во процесот на проширување и земји членки.

Ховит изразува убеденост дека почетокот на преговорите може само по себе да ја промени состојбата во насока на понатамошно унапредување на реформите и поволни односи со соседните држави.

Дијалогот на високо ниво тој смета дека беше важен инструмент за да се постигне напредок во застојот, при што е поздравен целосниот или делумниот напредокот во 75 отсто идентификувани политички области. Но, како што се нагласува во предложениот текст, „Високиот дијалог не е замена за преговорите“.

Нацрт-резолуцијата ја поздравува употребата на терминот „македонски“ во Извештај за напредокот во 2012 што е норма на ОН, како и почитување на различни јазици, идентитети и култури во рамките на земјата, пренесува МИА од Стразбур.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top