За две години екипите на ЕВН Македонија и полицијата откриле 2.010 кражби на електрична енергија во земјава. Од нив 1.831 се домаќинства, 170 мали бизнис корисници, 5 јавни претпријатија и 4 компании од категоријата индустрија. За сите се поднесени кривични пријави, дел од нив добија судска развршница, а дел чекаат на правосилни одлуки на судовите.
Само оваа година за 10 месеци се откриени 820 случаи на неовластенo користењe на електричната енергија. Најмногу се директни кражби, манипулации со броилата, а има и случаи на самоволно приклучување.
Најмногу има откриено кражби во Скопје околу 211 од кои само во западниот дел на Скопје во реонот што го покрива Корисничкиот енерго центар Ѓорче Петров 118. На листата на градови со најмногу фатени кражби годинава се наоѓа Струмица 143, потоа Прилеп 83, Тетово 73, а во Кратово, Кочани, Кичево, Битола се откриени десетина случаи. Над 12,5 милиони kWh електрична енергија украле крадците, а штетата во пари изнесува над 1,5 милони евра.
Годинава македонските судови изрекоа вкупно 280 пресуди на корисници кои краделе електрична енергија. 250 од овие пресуди се однесуваат на физички лица, а 30 на правни лица. Кривичното дело го сториле со директно поврзување на дистрибутивната мрежа пред мерниот уред, манипулација на броилото, се приклучиле на дистрибутивната мрежа без да добијат Решение за енергетска согласност или самоволно се приклучиле после исклучување поради неплатени сметки.
Од овие 280 пресуди, 9 се однесуваат на кражби на електрична енергија за кои корисниците ќе треба да заминат на издржување затворска казна во траење од една година.
Државата е оштетена по основ на неисплатениот данок на додадена вредност што не може да се наплаќа на крадената нефактурирана енергија. Најголема штета трпат соседите на крадците на електрична енергија. Секаде каде што има кражба, напонот ослабнува и постои голема опасност од пожари, а сериозно загрозени се околината и животите на тие што крадат електрична енегија, но и на нивните соседи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.