| четврток, 6 декември 2018 |

30 деца без родители ќе се вработат во администрација

Во рамки на програмата Д-10 нови 30 лица што до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа ќе се вработат во државната и јавната администрација. Огласот е распишан денес и сите тие што ги исполнуваат условите ќе можат да конкурираат на огласот во наредните 20 дена. Ќе се вработат 15 лица со високо образование и 15 лица со средно образовани.

– Поддршката на државата за овие лица е континуирана и сеопфатна, почнувајќи од периодот на детството, па сè до вклучувањето на пазарот и трудот и вработувањето. Обезбедувањето на лична егзистенција преку вработување и интегрирање во општествениот живот е најважен чекор за овие лица. Како министерство, го потикнуваме нивното директно вклучување на пазарот на трудот. Во оваа смисла клучен е проектот Д-10, кој е насочен за вработување на децата без родители и родителска грижа, односно лицата што имале таков статус до 18 години за вработување во државната и во јавната администрација – истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Преку оваа програма во 2013 година во јавната администрација се вработиле вкупно 83 лица, кои имале статус на деца без родители и родителска грижа до 18 години.

За сите подетални информации заинтересираните лица ќе можат да се  обратат на страницата на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk, како и на сајтот на Агенцијата за администрација.

-Министерството за труд и за социјална политика, постапката за вработување ја спроведува согласно со Законот за државни службеници, и за таа цел ќе ги  извести центрите за социјална работа во Република Македонија за објавениот оглас, со цел навремено да се информираат  сите лица кои до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа – истакна Спасов.

Toj истакна дека самата постапка на вработување е докрај транспарентна и отчетна и повика во што поголем број да се поднесуваат апликации, и да се учествува и во другите мерки за вработување, а во сите нивни напори државата постојано помага и подржува.

Спасов потенцирааше  дека постојат и низа други мерки наменети за оваа категорија на лица, со кои дополнително им се нуди помош и поддршка.

– По напуштањето на Домот за згрижување секое лице кое наполнило 18 години добива еднократна парична помош од 3000 евра, сума значително повисока од порано, а за да им се овозможи услови за продолжување на образованието на додипломски и постдипломски студии, министерството за труд им доделува по 24.000 денари месечна парична помош на 137 студенти, понатака доделени се 134 социјални станови, 20 се во фаза на обработка – истакна Спасов.

Тој додаде дека преку Агенцијата за вработување е реализирана  посебна мерка на субвенционирање на вработување на лица коишто имале статус на деца без родители и родителска грижа со која се вработени 34 лица и нагласи дека и понатаму ќе продолжат со низа активности за подобрување на статусот на овие лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top