| четврток, 6 декември 2018 |

„Или-или“ прославува 10 години со јубилејно, 100. издание

Честа да застане зад оваа бројка му припадна на писателот Џон Фаулс со романот „Црвец“. Се работи за превод на четврта книга од овој култен британски писател, по романите „Колекционер“, „Волшебникот“ и „Жената на францускиот поручник“

ili-ili

Издавачката куќа „Или-или“ прославува 10 години издавачка дејност со јубилејното, 100. издание во популарната едиција „Проаза“. Честа да застане зад оваа бројка му припадна на писателот Џон Фаулс со романот „Црвец“.

Се работи за превод на четврта книга од овој култен британски писател, по романите „Колекционер“, „Волшебникот“ и „Жената на францускиот поручник“.

Од „Или-или“ најавуваат дека од утре, 11 до 13 декември читателите ќе можат да ги купат книгите со попуст.

unnamed

Освен јубилејната стотка, оваа скопска издавачка куќа во изминатиот период издаде неколку книги од домашни автори и неколку преводи на европски наградувани автори. „Атена со пенис” на Александар Русјаков, „Куфер за тројца” на Живко Гроздановски и „Вишнова хроника” на Фросина Пармаковска се новите романи во едицијата од млади домашни автори, додека есеистичката едиција со свои книги ја надополнија Снежана Младеновска – Анѓелков со филмската теорија „Слики со животна уверливост“ и Линдита Кадриу со двојазичните книжевни „Есеи“.

Преводната литература, пак, е збогатена со преводи на романи од неколку европски јазици, со книгата на турската писателка Оја Бајдар „Мачешки писма“, на норвешкиот автор Гунстеин Баке „Мод и Од“, потоа, тука се и Унгарецот Шандор Жигмонд Пап со „Ништожни мали животи“, Швеѓанецот Пер Олов Енквист со „Посетата на дворскиот лекар“, како и нашинката Алина Апостолска со превод од француски на наградуваниот роман „Едно лето од љубов и пепел“.

Инаку, „Или-или“ својата издавачка дејност ја почна во 2004 година со превод на романот „Читачот“ на германскиот писател Бернхард Шлинк, кој стана и најчитан автор во едицијата „Проаза“. Покрај него, имињата како Џон Фаулс, Ханиф Курејши, Зејди Смит, Вуди Ален, Борис Вијан и другите се неизоставно четиво за љубителите на добрата книга и, секако, новата генерација на домашни автори, преку која издавачката куќа го освежи и збогати домашното издаваштво со современи приказни, кои наидоа на одличен прием кај читателите, неретко добивајќи и награди, како Лидија Димковска за „Резервен живот“ („Стале Попов“ на ДПМ и Европската награда за литература), и Снежана Младеновска – Анѓелков за „Единаесет жени“ (Роман на годината на „Утрински весник“).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top