Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Белгија за Македонија со седиште во Софија, Аник ван Калстер.
Двајцата соговорници, како што соопшти кабинетот на претседателот на Собранието, изразиле задоволство за остварената средба со желба за продлабочување на соработката на повеќе области.
– Претседателот на Собранието на Република Македонија на средбата го запозна амбасадорот Ван Калстер со моменталната состојба во државата. Двајцата соговорници изразија желба за побрзо враќање на опозицијата во работата на Собранието на Република Македонија – се вели во соопштението.
На средбата било потенцирано дека постои желба за интензивирање на парламентарната соработка меѓу Република Македонија и Кралството Белгија за што и двете страни се заложиле да дадат свој придонес.
Вељаноски и Ван Калстер разговарале и за прашањето за европската интеграција на Република Македонија како нејзина приоритетна цел за која била искажана поддршка од страна на амбасадорот. Двајцата соговорници ја потенцирале добрата економска соработка меѓу Македонија и Белгија и притоа ја навеле белгиската компанија „Ван Хол“ како потврда за тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.