| четврток, 6 декември 2018 |

Над 50 мртви и 400 хоспитализирани поради труење во Либија

libija alkohol

Најмалку 51 лице починаа, а речиси 400 се хоспитализирани во Либија поради труење со фалсификуван алкохолен пијалак направен на база на метанол, соопшти денеска либиското Министерство за здравство.

Министерството наведува дека 38 луѓе починале во болниците во Триполи, а уште 13 на пат кон соседен Тунис, каде се надевале дека ќе добијат адекватна лекарска нега.

Од саботата до денеска најмалку 378 луѓе имале симптоми на труење откако конзумирале отровен пијалак.

Портпаролот на либиското Министерство за внатрешни работи изјави дека е покрената истрага за да се откријат одговорниоте за производството на отровниот пијалак.

Шефот на санитарната служба во медицинскиот центар во Триполи, Јусеф ал-Вафи наведе дека прелиминарната анализа покажала дека симптомите на труење се појавиле по конзумирањето на фалсификуван алкохолен пијалок кој содржел метил-алкохол.

Метил-алкохолот или метанолот е производ кој може да предизвика откажување на бубрезите, слепило или епилептичен напад, па дури и смрт.

Лицата кои конзумирале отровен алкохол се на возраст од 19 до 50 години.

Во Либија е забранета продажбата и конзумирање на алкохолни пијалци, иако може да се купи на црниот пазар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top