
Во пресрет на утрешниот празник Св. Климент Охридски, во Македонската академија на науките и уметностите вечерва се одржа свечена академија за делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан истакна дека свети Климент се утврдил преку добриот подвиг на верата и така станал наш Мојсеј и втор Павле, изведувајќи го својот род од ропството на темнината и незнaењето, постојано трудејќи се народот да постане црква, а црквата – народ. Затоа, порача г.г. Стефан, почитувајќи го и славејќи го свети Климент се почитуваме и себеси и искажуваме грижа кон своето потомство.
– Но, некогаш со жалење констатираме како да не го познаваме и цениме доволно свети Климент. Неговиот празник треба да биде наш најпрославуван, не само верски, туку и национален празник. Треба и мора свети Климент да стане и повеќе, и да биде позначаен во секојдневието на православниот Македонец – и на општествен заеднички и на приватен, личен план, рече архиепископот, посочувајќи ги како пример другите православни цркви и начинот на кој тие си ги прославуваат и величаат своите национални духовни херои – истакна г.г. Стефан.
Премиерот и покровител на свечената академија, Никола Груевски зборуваше за свети Климент како продолжувач на мисијата на Кирил и Методиј, од чиј Охридски универзитет произлегле над 3.500 ученици – идни учители кои продолжиле да го описменуваат народот и ја преродиле културата во Македонија. Рече дека бил едноставен и близок со луѓето, морален и духовен човек и благодарение на неговата работа црквата станала чувар на верата, но и на националниот идентитет на народот.
Домаќинот на свечениот собир, академик Владо Камбовски, го нарече духовен корен и стебло на нашата култура и самобитност, порачувајќи дека празнувањето на светителите е вистинско кога се следат нивните свети дела и кога се сака и бара вистината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


