
Премиерот Никола Груевски во врска со најавената „бомба“ од СДСМ, рече дека ќе се види оти тој филм, кој наводно е согласно стратегијата на опозицијата, најверојатно не постои, исто како и нивната партиска програма.
– СДСМ во фаза на загревање почнаа да снимаат филмчиња. Едниот се вика „Одам бос по пасошки корици и докажувам со викање дека сум ВМРО-вец“, демек пасоши за избори се „штанцале“ па потоа самите се демантираа оти никогаш не рекле дека биле за избори – рече Премиерот Груевски.
Според него, дел од раководството и самите тие, како што рече, не разбираат, а не смеат да кажат гласно пред другите за да не излезе дека се неупатени, а со задлабочен поглед го следат нивниот лидер додека им објаснува дека сето ова е дел од нивната стратегија.
– Ама сето тоа што го прават не е диктатура, нели ние сме диктатура, а тие се многу фини, со закани, со бомби, со бркање од работа од хигиеничарка до директор или до министер, како што најави Заев, со говорот на омраза, со закани за убиства и слично. Тоа што го прават е за наше добро, за сите. Тоа не е диктатура, тоа е демократија. Ќе имало хајки, освети, ќе рушеле, ќе затворале медиуми. Е па, и тие треба да работат нешто кога ќе дојдат на власт. Програма немаат и со такви работи ќе се занимаваат – рече Груевски пред присутните членови и симпатизери на ВМРО – ДПМНЕ на годишната конференција на Унијата на жени.
Претседателот на Владата истакна дека народот знае, колку и тие, како што рече, да го потценуваат. Народот гледа дека СДСМ не ги интересира државните интереси и граѓаните, туку, подвлече, само тоа како да дојдат до власта, па ако треба и со измислување различни афери и опцијата да работат за туѓи дворови и интереси.
– Народот прави споредба меѓу нив и нас, меѓу нашата понуда и резултати и реализации и нивната понуда и она што во минатото го имале како резултати и реализација. Нивната неодговорност нема да биде наша, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Груевски се осврна и на непризнавањето на изборните резултати од страна на опозицијата и на нивното барање за техничка влада, без чие исполнување, како што најавуваат, нема да се појават на следни избори.
– Не знам како да им го објаснам тоа што не само никој на светот нема разбирање за тоа нивно барање, туку дека тоа е и штетно и понатаму лесно може да биде злоупотребувано, посочи тој.
Груевски се осврна на последните парламентарни избори кога СДСМ изгуби со разлика од над 200 илјади гласа во однос на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.
– Изгледа колку повеќе губат, толку поопасни барања имаат. Тоа им е изгледа тактиката, рече тој.
Упати порака дека пред ВМРО – ДПМНЕ е период во кој ќе останат посветени на реализацијата на проектите, реформите и динамизацијата на државата, кои ќе придонесат за развој и просперитет на нашата држава.
– Ќе останеме на утврдениот курс, на зацртаните цели и на исполнување на она што сме го ветиле. Ќе продолжиме со посветена и чесна работа. Колку и да не навредуваат, да не дефокусираат, да не обвинуваат и да измислуваат афери за нас и не плукаат, ние ќе опстоиме и ќе продолжиме силно напред онака како што знаеме ВМРО-вски – порача Груевски.
Со уште посилно темпо, истакна, ќе продолжиме да ја реализираме нашата изборна програма,
со која ја добивме довербата на граѓаните.
– Ќе работиме како и досега, доследни на кажаното, да бидеме отворени за секој што го прифаќа нашиот начин на работа и нашите приоритети за подобра, поуспешна и попросперитетна Македонија, Македонија земја на можности, на етничка толеранција и разбирање, Македонија каква што сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми и сите ја посакуваме, потенцира во обраќањето премиерот Никола Груевски на Годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии


