Велат дека тој е најдобар голман меѓу актерите, го има во филмови, телевизиски серии, краткометражни и долгометражни, активен е во театар и тоа на повеќе сцени – во Драмски театар, во МНТ, во Прилепскиот народен театар, јавноста го препознава од неколку телевизиски кампањи, посебно од „Волку, волку“, го знаат како Цветко, другар му на Петко во „Пет плус“, серијата за деца, а сега е актуелен и со рекламата за здрава храна. Актерот Игор Ангелов, новиот капетан Џон Пиплфокс, чијашто премиера во Драмски театар беше неодамна, во овој период е, навистина, многу ангажиран.
– Кога дипломирав ја имав таа среќа да работам во Прилепскиот театар, таму почнав, а потоа многу природно, со тек на време си доаѓаа сите работи. Имаше реклами, краткометражни, долгометражни филмови, претстави во театар. Едноставно, имав среќа да се погодам во вистинското време. Рекламата „Волку, волку“ ја снимав со убави луѓе – вели Ангелов, кој со нетрпение го чека први декември, кога ќе почне да се емитува новиот концепт на детската серија „Пет плус“. Во меѓувреме, уште доснимува реклами од серијата за здрава храна, се снимаат уште епизоди од „Пет плус“, глуми во „Огнени јазици“, „Хамлет“, гостува во Прилеп во претставата „Сон на летната ноќ“…

Дали ликот на детективот Цветко, кој го толкуваше во серијата „Пет плус“, беше пресуден за да ја добиеш улогата на капетанот Џон Пиплфокс?
Ангелов: Не мислам така. Детективот Цветко е само една логично продолжение на тоа што го почнав со „Пет плус“. Го глумев Цветко, потоа дедо Менде, па детективот Цветко. Целата приказна со капетанот Џон Пиплфокс нема поврзаност со детективот Цветко. Но, којзнае, можеби и има? Претставата ја работевме со режисерот Коле Ангеловски и тој ми се јави и ми кажа дека јас ќе го толкувам ликот на капетанот Џон Пиплфокс. Не знаев дека двапати досега била поставена. Не сум ја гледал изведбата во која главниот лик го толкува Јовица Михајловски, но сите ми говореа дека тоа било култна детска претстава што ги одбележала тие златни години на Драмски театар. Ова не ми е прва претстава со режисерот Ангеловски. Кога почнав да работам и да се занимавам со оваа професија, тој многу ми помогна и јас бесценето го почитувам. Драго ми е што сум дел од оваа претстава. Тој е голем режисер. Одамна немало детска продукција во Драмски театар и добро е што сега повторно има. Постарите колеги раскажуваат дека наутро се играле претстави за деца, а навечер течел редовниот репертоар, со претстави за возрасни. Сега тоа се враќа во Драмски театар и е за поздравување. Очигледно е дека децата имаат потреба од гусарски приказни. Во ова време на брзо живеење, таблети, „Фејсбук“ и слично, супер е што децата, сепак, ги интересира ваква претстава. Кога јас бев момче ги читав „Гуливеровите патувања“, „Робинзон Крусо“ и ова е само еден вид продолжение на тоа. Убаво е да има претстава во која се патува, каде што има гусари, мечување, пеење, пукање, топови. Тоа е друга реалност. Театарот е поинаков медиум, има непосредна кореспонденција со децата.

Актуелен си со рекламите што се дел од кампањата за здравата храна. Што вкусно јадеше додека ги снимавте рекламите?
Ангелов: Уф, многу работи. Сѐ беше вкусно. Драго ми е што преку тој проект научив многу, запознав убави луѓе. Запознав човек што професионално ја третира храната. Тој е уметник за храна. Тој ја третира храната како уметност. Успеав преку некои негови едноставни и практични совети да научам корисни работи, кои сакам да ги применам за нас и за нашите најмили, во семејството. Имаме голем избор на здрава храна и многу едноставни начини за да се подготви. И сето тоа е тука, околу нас. Многу е убаво кога се снима со филмска екипа, а тоа да е поврзано со храна. Има многу јадење и многу шетање. Прошетавме низ цела Македонија, бевме секаде. Од Кожуф, преку Брајчино, до скриени места, го запознавме Пеце од Дихово, бевме во Радожда и научивме многу интересни работи, запознавме луѓе.

Во овој период си, можеби, еден од поангажираните актери. Освен што те има во Драмски театар, во МНТ, во Прилепскиот театар, ја снимаш и новата серија за „Петко“. Има ли нешто што ти недостига?
Ангелов: Си ја работам работата што гледам дека можам да ја сработам. Работам многу и имам привилегија да ги одбирам работите што сакам да ги работам. Уживам во работата. Тоа е моја професија. Ете, толку е едноставно.
Што е најубаво на светот?
Ангелов: Спокојството, задоволството од сработеното и семејството. Семејството е на прво место.
Дали е храброст да го направиш тоа во што веруваш?
Ангелов: Па да. Опасно е што ќе си поставиш како цел. Човек треба да внимава затоа што може да му се случи тоа што го посакал. Затоа, треба да бидеме внимателни што посакуваме затоа што тоа може да нѐ однесе на друго место. Инаку, потребна е храброст и верба за тоа што треба да се случи, да се случи.

Во претставата „Огнени јазици“, каде што толкуваш една од улогите, во еден дијалог се вели: За што да се фатам, ако не за зборот? Има ли Игор за што да се фати, освен за зборот?
Ангелов: Зборот е нашата главна алатка. Ако го немаме зборот, немаме ништо. Актер без збор не е актер. Театарот е збор. „Огнени јазици“ е претстава за преводот, односно за зборот. Една работа може да биде кажана на различни начини. Една буква може да го смени значењето на зборот.
На што ново работиш во моментов?
Ангелов: Од први декември почнува нов концепт на серијата „Пет плус“. Тоа ќе биде детска серија, нешто што е ново кај нас. За мене е ново, се надевам и за јавноста. Мислам дека сме на одличен пат да го задржиме квалитетот што го имаше продукцијата „ОХО“ со „Пет плус“. Тоа е сериозен концепт. Моите деца пораснаа со „Пет плус“ и многу други деца растеа со оваа серија. Тоа е начин на мислење. Сега преминува во друга форма, во детска серија. Верувам дека серијата ќе биде добра почва за нешто многу посериозно. Со режисерката Нела Витошевиќ работам прекрасна претстава, чијашто премиера се очекува пред Нова година во МНТ. Текстот е на Ана Ристовска, „Неподнослива тешкотија на умирањето“. Многу сум нестрплив околу премиерата. Оваа претстава ја работиме со Нела, Ана и со уште неколку убави актери. Секогаш е убаво да се работи со Витошевиќ, бидејќи таа никогаш не се повторува во своите претстави.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(Интервјуто со Игор Ангелов е објавено во 117. број на неделникот Република, 28.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


