Сакам да го вратам фустанот. Го однесов дома и сфатив дека не ми се допаѓа. Доколку ова оправдание го употребите кај трговците сега, речиси во сите случаи тие ќе ви кажат дека тоа е ваш проблем и дека сте требале навреме да мислите или, пак, дека можат да ви излезат во пресрет со тоа што производот може да го замените со друг производ. Враќањето пари, освен кај мал дел трговци, е невозможна мисија. Доколку, пак, ви се расипе некој технички апарат во првите петнаесет дена од гарантниот рок, трговецот од каде што сте го купиле ќе мора да ви даде нов, а не како досега да го попрва долго време и при нов телевизор или шпорет да останете без тоа. Иако има Закон за заштита на потрошувачите, тие речиси во сите случаи кога се незадоволни од купеното се чувствуваат обесправени бидејќи трговците наоѓаат начин да го продадат производот, речиси без никаква можност за негово враќање. Голем удел во небарањето на своите потрошувачки права одигрува и срамот или изговорот „незгодно ми е да побарам замена на производот или пак пари“. Поради тие причини, а во чекор со европските динамични промени на полето на потрошувачките права, надлежните работат на законски измени за заштита на потрошувачите, кои треба да се донесат следната година, а предвидуваат ширење и зголемување на правата на потрошувачите.
– Целиот закон за Заштита на потрошувачите ќе се ревидира заради проширување на правата на потрошувачите, што, пак, нема да значи руинирање на бизнисот. Со него секој ќе си ги знае своите прва, но и обврски. Законските измени мора да се направат за да се фати чекорот со европските директиви во овој дел, кои се многу динамични. Начелно, со промените се унапредува правото на рекламација во рок од 15 дена, но ќе се регулираат и другите одговорности посебно при купување на далечина и продажба надвор од деловните простории – вели претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар, според која кај нас, освен законски измени, треба и суштински да се поработи на потрошувачките прва преку одвојување повеќе пари за оваа област.
Според Организацијата на потрошувачите на Македонија, Законот за заштита на потрошувачите веќе претрпел четири измени. Во меѓувреме излегоа и неколку брошури за заштита на потрошувачките права, кои треба да се спроведат во новото законско решение поради што тие се залагаат новиот закон да се донесе што побрзо.
Од Министерството за економија велат дека новиот закон е планиран за следната година откако ќе почне спроведувањето на проектот на ИПА за заштита на потрошувачите. Соседните земји веќе го донесоа законот, кој е правен според европските закони и тамошните трговци веќе наголемо негодуваат за одредени одредби. Надлежните велат дека потрошувачките права уште в година ќе станат европски и оти, конечно, потрошувачот, наместо трговецот, ќе бидат на прво место.
– Нов закон за заштита на потрошувачите е предвидено да се подготви со проектот на ИПА за хармонизација на законодавството на полето на заштитата на потрошувачите. Во него ќе бидат инкорпорирани сите директиви што се однесуваат на заштита на потрошувачите, со што ќе се транспонираат и новите директиви од ЕУ. Последните извештаи од кај нас се дека се евалуираат понудите за новиот проект на ИПА, и се очекува да почне да се реализира во почетокот на 2015 година и ќе трае две години – велат во Министерството за економија.
Освен законот, треба да се донесат и нови правилници, кои ќе ги штитат потрошувачките права. Нови правилници ќе се донесат и од Агенцијата за храна, Агенцијата за електронски комуникации, Државниот пазарен инспекторат и од други.
Според сегашниот закон, ако ви се расипе производот, речиси во никој случај не можете да си ги вратите парите. Трговецот е должен да го однесе на поправка во сервис, а нов апарат може да се добие само во случај ако сервисерот каже дека не може да го поправи. Искуствата кај нас велат дека, и покрај поплаките, речиси секогаш потрошувачите се оштетени, освен во случаите кога тие ќе се пожалат во Пазарната инспекција, по што случајот може да има и позитивен исход за потрошувачите.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 117. број на неделникот „Република“, 28.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


