Југоисточна Европа нема да добие нов систем за дистрибуција на гас без вклучување на Хрватска, изјави хрватскиот министер за економија, Иван Врдољак.
– Таквата позиција на Хрватска е потврдена и со откажувањето на „Газпром“ од гасоводот „Јужен поток“; кој не беше во спротивност со хрватските енергетски проекти, но се покажа како неизводлив – објасни Врдољак.
Тој нагласи дека исплатлив проект би можел да биде Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП) и неговиот разгранок Јонско-јадранскиот гасовод (ИАП). Преку овие два гасовода би требало до Европа да се пренесува гас од реонот на Касписко Море.
Лани во декември Албанија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора потпишаа Меморандум за соработка во реализацијата на „Јужниот гасен коридор“ во Југоисточна Европа.
Изградбата на хрватскиот дел од коридорот се очекува да почне во текот на 2015 година и да чини 265 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.