| четврток, 6 декември 2018 |

Балканските земји во неизвесност по откажувањето на „Јужен тек“

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија држава беше посочена од Москва како одговорна за руската одлука за откажување од изградбата на гасоводот „Јужен тек“, денеска изјави дека Софија се уште не добила официјално соопштение од Русија околу ваквата одлука.

– Нашата земја се уште не добила информација за плановите на Русија околу „Јужен тек“, изјави Борисов во обраќање пред пратениците на бугарското Народно собрание, додавајќи дека неговата Влада за ваквата одлука на Русија дознала од медиумите.

Тој нагласи дека за него како премиер е многу важно да добие поддршка од бугарскиот Парламент за да биде можно спасување на „Јужен тек“, додавајќи дека на оваа тема утре во Брисел ќе разговара со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск и со спикерот на Европараламентот, Мартин Шулц.

Борисов нагласи дека за Софија е неприфатливо рускиот гас да ја заобиколува земјата и во Бугарија да доаѓа преку Грција.

– За мене, не претставува диверзификација (на изворите) ако рускиот гас ја заобиколи Бугарија и доаѓа од Грција, нагласи Борисов, додавајќи дека ќе бара од Атина објаснување дали ќе и доставува гас на Софија во согласност со третиот пакет за либерализација.

Борисов во обраќањето пред пратениците изјави дека не може да каже колкави ќе бидат загубите на Бугарија од откажувањето на „Јужен Поток“, бидејќи го нема на увид договорот за изградба на гасоводот.

Српскиот претседател Томислав Николиќ пак изјави дека одлуката на Русија да се откаже од изградбата на гасоводот „Јужен текк“ е непријатна за Србија, нагласувајќи дека очекува штетите за земјата од оваа одлука да бидат помали отколку што би биле со воведување на санкции кон Русија.

Според Николиќ, нереална е идејата Србија да се приклучи кон евентуален гасовод кој би минувал преку Турција, Грција и Македонија.

– Таквата варијанта не може да се изедначува (со „Јужен текк“) од гледна точка на приходите што би ги донела, изјави Николиќ, додавајќи дека прашањето за снабдувањето на Србија со енергетски ресурси, Белград ќе го разгледува на разговори со Москва, бидејќи земајта не може да се дозволи да остане без систем за дистрибуција на енергенси,

Николиќ смета дека проблемите меѓу Русија и ЕУ околу гасоводот не се поврзани со кризата во Украина, бидејќи тие, според него, започнале уште пред нејзиното избувнување.

– Западот и Истокот си играат мачка и глушец, а Србија страда поради тоа, истакна Николиќ.

Словенечкот премиер Миро Церар изјави дека не е изненаден од одлуката на Русија за откажување на „Јужен тек“.

– Официјално се уште не сме добиле никакво известување. Но, јас мислам дека тоа е позиција на Русија која не би требало да не изненадува, изјави Церар, додавајќи дека Словенија мора да бара алтернативи за обновливи извори на енергија.

Словенија и Русија во ноември 2009 година потпишаа договор за соработка за изградба и експлоатација на гасоводот „Јужен текк“ на словенечка територија. Според договорот, низ Словенија требаше да минува траса од гасоводот во должина од 266 километри, чија изградба на земјата ќе донесеше околу милијарда евра странски инвестиции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top